Дваесет и едногодишниот осомничен бил фатен во Радовљица по голема полициска акција во која биле вклучени хеликоптер и специјална единица.
Вистинска драма се одвивала на автопатот во Словенија, каде што 21-годишен маж нападнал полицаец, му го одзел службениот пиштол, пукал во него, а потоа побегнал со полициското возило. Осомничениот бил уапсен по голема потера во областа Радовљица.
Инцидентот се случил нешто пред 9 часот, кај излезот Шмартно на автопатот кон Горењска. Полицајците го запреле мажот откако претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета и продолжил да вози во правец кон Крањ.
За време на полициската постапка, осомничениот ненадејно нападнал еден од полицајците, му го одзел оружјето и пукал во него. Полицаецот бил погоден во раката и се здобил со тешки повреди, но неговиот живот не е во опасност.
Напаѓачот потоа го зел полициското возило и побегнал кон Горењска. Во потрагата биле вклучени сите расположливи полициски патроли, хеликоптер и припадници на специјалната единица.
Полицијата го лоцирала осомничениот во близина на Лесце, а по потерата го уапсила на подрачјето на Радовљица. Кај него биле пронајдени украденото оружје и полициското возило.
Словенечката полиција потврдила дека истиот 21-годишник бил приведен и претходниот ден, откако удрил во паркирано возило и бил осомничен дека возел под дејство на дрога. Тој одбил стручен преглед, а подоцна бил пуштен кога престанале законските услови за негово задржување.
Мотивот за нападот засега не е познат. Криминалистите продолжуваат да ги испитуваат околностите, а полицијата ќе формира и комисија што треба да ја провери законитоста и стручноста на постапувањето на службениците.

