За првпат по речиси 24 години меѓу десетте најдобри тенисери во светот нема ниту едно од трите имиња што одбележаа цела ера во машкиот тенис а тоа се Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер и Рафаел Надал. Падот на Ѓоковиќ на 12. место на најновата АТП-листа стави крај на неверојатна серија што траеше од октомври 2002 година.
Ѓоковиќ загуби седум позиции и од петтото падна на 12. место со 2.980 поени, откако на Ју-Ес опен беше елиминиран уште во првото коло од Аргентинецот Маријано Навоне. Со раната елиминација Србинот загуби 790 поени што ги бранеше од минатогодишниот настап во Њујорк.
Последен пат АТП Топ 10 изгледал без Федерер, Надал и Ѓоковиќ на 7 октомври 2002 година.
Тогаш светски број еден бил Лејтон Хјуит, Карлос Алкараз сè уште не бил роден, а денешниот лидер на светската листа Јаник Синер имал нешто повеќе од една година.
Само една недела подоцна, Федерер влегол меѓу најдобрите десет и започнала серијата која денес конечно завршува. Надал му се приклучил во 2005 година, а Ѓоковиќ во 2007 година.
Од тој момент па сè до денес, без оглед на повредите, падовите во формата и смената на генерациите, барем еден од тројцата постојано останувал меѓу десетте најдобри тенисери на планетата.
Во два долги периода сите тројца истовремено биле во Топ 10. Првиот траел од 2007 до 2016 година, а вториот од 2018 до 2021 година. Според РТС, вкупно 673 недели Ѓоковиќ, Надал и Федерер истовремено биле дел од тениската елита.
Бројките зад нивната доминација се уште поимпресивни.
Тројцата освоија вкупно 66 гренслем-титули. Ѓоковиќ има рекордни 24, Надал освои 22, а Федерер ја заврши кариерата со 20.
Заедно поминаа и 947 недели како светски број еден: Ѓоковиќ рекордни 428 недели, Федерер 310, а Надал 209.
Федерер се повлече од професионалниот тенис во 2022 година, а Надал две години подоцна. Така Ѓоковиќ остана последниот активен претставник на генерацијата која повеќе од две децении ги диктираше правилата на машкиот тенис.
Неговиот пад надвор од Топ 10 сега симболично ја затвора таа статистичка ера, иако не значи и крај на кариерата на 39-годишниот Србинот.
Ѓоковиќ и претходно бил надвор од десетте најдобри. Последен пат тоа му се случи во 2018 година, кога по проблемите со повреди падна до 21. позиција, пред да се врати и повторно да стигне до светскиот врв.
Но тогаш Надал и Федерер сè уште го одржуваа непрекинатиот низ на „големата тројка“.
Сега нема кој да го продолжи.
Новата АТП-листа јасно ја покажува смената на генерациите. На врвот останува Јаник Синер со 11.500 поени, пред Александер Зверев, кој по освојувањето на Ју-Ес опен има 9.690. Трет е Карлос Алкараз, а Бен Шелтон по финалето во Њујорк се искачи на најдоброто четврто место во кариерата.
Зад нив веќе се оформува генерација која пред само неколку години се обидуваше да најде начин да ги победи Федерер, Надал и Ѓоковиќ, а денес целосно го презеде врвот на светскиот тенис.
На 7 октомври 2002 година започна ерата во која барем еден од тројцата секогаш беше меѓу најдобрите десет.
На 14 септември 2026 година таа серија заврши.

