Ќе може да се докупат до две години стаж за пензија

Граѓаните кои ја исполниле старосната граница за пензионирање, но немаат доволно работен стаж за да го исполнат законскиот минимум од 15 години, ќе можат да докупат до две години стаж и на тој начин да стекнат право на пензија.

Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, кој информираше дека законското решение веќе се разгледува во рамките на Владата.

Предлогот се однесува на лица кои веќе ја достигнале старосната граница за пензионирање – 62 години за жени и 64 години за мажи – и имаат најмалку 13 години работен стаж.

Тоа значи дека лице кое има, на пример, 13 години стаж ќе може да уплати придонеси за уште најмногу 24 месеци и да стигне до потребните 15 години.

Можноста нема да важи за лица кои во моментот се активни осигуреници. Според Велковски, докупот ќе биде наменет за оние кои веќе не се на пазарот на трудот, ја достигнале возраста за пензионирање и немаат друг начин да го дополнат потребниот стаж.

Предвидено е придонесите да се пресметуваат на основица од 50 отсто од просечната плата од претходната година.

Според примерот што беше презентиран, доколку просечната плата изнесува околу 45.000 денари, основицата би била 22.500 денари. Со стапка на придонес од 19,9 отсто, еден месец докупен стаж би чинел околу 4.478 денари, односно околу 107.000 денари за максималните две години.

Оваа пресметка е илустративна, а конечниот износ ќе зависи од просечната плата и параметрите што ќе бидат утврдени со законот.

Висината на идната пензија нема автоматски да биде иста за сите што ќе докупат стаж. Таа ќе се пресметува според редовната формула, односно во зависност од тоа колкави придонеси биле уплаќани во претходните години и на каква плата било пријавено лицето.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?