Петгодишно дете е повредено откако било нападнато од диво животно, за кое се претпоставува дека е шакал, во близина на Неос Мармарас на вториот крак на Халкидики. Детето било пренесено во болница во Солун, каде што е во добра здравствена состојба.
Инцидентот се случил во текот на ноќта меѓу 10 и 11 септември. Според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми, животното навлегло во камп и потоа во шатор во кој престојувало семејство од Србија со мало дете. Детето било каснато во пределот на лицето, по што раната била медицински третирана и сошиена.
За случајот е известена Шумската служба во Полигирос, а во тек се активности за пронаоѓање на животното. Ловечката федерација на Македонија и Тракија соопшти дека од болницата добила информација дека повредите најверојатно биле предизвикани од шакал.
Од Федерацијата посочуваат дека случајот предизвикува загриженост бидејќи шакалите вообичаено се плашливи животни кои ги избегнуваат луѓето.
Дополнително, два дена претходно во пошироката област бил нападнат и 55-годишен маж. Тој побарал лекарска помош поради повреда во пределот на вратот. Засега нема потврда дека и во тој случај станувало збор за истото животно.
Надлежните служби продолжуваат со истрагата и со обидите да го лоцираат животното.

