Српските студенти објавија програма од 11 точки за „закрепнување на Србија“

Србија

Студентите во блокада во Србија и претставниците на нивната изборна листа ја претставија програмата од 11 точки, со која најавуваат борба против корупцијата, департизација на институциите, реформи во образованието, поддршка за младите и промени во економската и социјалната политика.

Програмата е поделена во три целини, „Србија или мафија“, „Знаењето е моќ“ и „Србија расте со нас“. Студентите наведуваат дека целта е да се запрат злоупотребите на јавните пари, средствата да се вратат во буџетот и повеќе да се инвестира во образованието и економијата.

Меѓу 11-те точки се:

  1. Формирање специјална обвинителска полиција и ослободување на судството и обвинителството од политички притисок, со контрола на работата на МВР и санкционирање полицајци кои го прекршиле законот.
  2. Закон за потекло и конфискација на незаконски стекнат имот, како и проверка на одговорноста на јавните функционери.
  3. Целосна транспарентност на јавните набавки, отворање на договорите и тендерите и ревизија на спорните инфраструктурни проекти и тајните договори.
  4. Департизација на медиумскиот регулатор РЕМ, промени во РТС и ревизија на доделените национални фреквенции.
  5. Вработување според стручност во јавниот сектор и укинување на партиското поставување директори.
  6. Бесплатни учебници за сите основци и средношколци и модернизација на образовните програми.
  7. Поголема поддршка за стартапи, домашни претприемачи и земјоделци и поврзување на универзитетите со економијата.
  8. Намалување на максималниот период за работа на определено време од 24 на 12 месеци.
  9. Ограничување на монополите во увозот и поголема заштита на домашното земјоделство, водата и земјиштето.
  10. Достапни станови за млади семејства и за вработени во дефицитарни професии, со поволни кирии и даночни олеснувања.
  11. Намалување на цените на лековите и подобра здравствена заштита во руралните средини, со обновување амбуланти и ангажирање млади лекари и медицински кадар.

Во делот за јавните набавки, студентите посебно бараат отворање на досега нетранспарентните договори, ревизија на преплатените проекти и посебна контрола на договорите склучени со „lex specialis“.

Во образованието предлагаат бесплатни учебници за сите ученици во основното и средното образование, како и поголем акцент на критичкото размислување и практичните знаења.

Програмата се претставува по региони низ Србија, а студентското движење ја подготвува и својата изборна листа за претстојните парламентарни избори.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?