Ердоган може повторно на избори – клучот е во 360 пратеници

kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Реџеп Таип Ердоган би можел повторно да се кандидира за претседател на Турција и без промена на Уставот, но само доколку парламентот пред истекот на неговиот сегашен мандат донесе одлука за предвремени избори. За тоа се потребни најмалку 360 од вкупно 600 пратеници.

Дебатата повторно се отвори откако заменик-претседателот на пратеничката група на владејачката Партија на правда и развој, Абдулхамит Ѓул, изјави дека не гледа уставна или правна пречка за уште една кандидатура на Ердоган.

Ѓул, на средба со новинари во Сакарја, рече дека очекува парламентот да донесе одлука со која ќе се отвори пат за нова претседателска кандидатура. Засега, сепак, станува збор за политички став на функционер на АКП, а не за донесена парламентарна одлука.

Турскиот Устав предвидува претседателот да може да биде избран најмногу двапати. Но членот 116 содржи исклучок – ако парламентот во текот на вториот мандат на претседателот одлучи да ги обнови изборите, актуелниот претседател може повторно да биде кандидат. За активирање на оваа можност потребно е трипеттинско мнозинство, односно 360 пратеници.

Токму тука е политичката математика. АКП и нејзиниот главен сојузник, Партијата на националистичкото движење, немаат доволно пратеници сами да ја обезбедат потребната бројка. За таква одлука би им била потребна поддршка и од други парламентарни партии.

Редовните претседателски и парламентарни избори се предвидени за 2028 година. Во турските владејачки кругови веќе се дискутира за можност парламентот кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година формално да распише избори нешто порано, со што би се активирала уставната можност за нова кандидатура на Ердоган.

Истовремено, владејачката АКП продолжува да ја турка и идејата за целосно нов, „цивилен“ устав. Партискиот портпарол Омер Челик на 15 септември повторно порача дека носењето нов устав останува задача на турската политика, иако нагласи дека во моментов на агендата нема предвремени избори.

Тоа значи дека засега нема одлука ниту за предвремени избори ниту за нова кандидатура на Ердоган. Но уставниот механизам постои, а дали ќе биде активиран ќе зависи пред сè од тоа дали власта ќе успее да собере 360 гласа во турскиот парламент.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?