Новак Ѓоковиќ го потврди враќањето на турнирот во Пекинг, место на кое има една од најневеројатните серии во кариерата – 29 победи, ниту еден пораз и рекордни шест титули. Последен пат на China Open настапи во 2015 година.
Српскиот тенисер се огласи првпат по раната елиминација на US Open, каде што годинава го заврши настапот уште во првото коло. Тој потврди дека азиската турнеја ќе ја продолжи во кинеската престолнина.
„Многу сум среќен што можам да објавам дека по многу години се враќам во Пекинг на China Open. Имам неверојатни спомени и големи успеси таму“, порача Ѓоковиќ, заблагодарувајќи им се на кинеските навивачи за долгогодишната поддршка.
Пекинг е практично негово тениско упориште. Ѓоковиќ ги освои титулите во 2009, 2010, 2012, 2013, 2014 и 2015 година и никогаш не загуби меч на турнирот. Со биланс од 29-0, тој е и рекордер по бројот на трофеи и победи на China Open.
Враќањето, сепак, нема да биде лесно. На списокот за турнирот се и Јаник Синер, Александер Зверев, Феликс Оже-Алијасим, Данил Медведев, Алекс де Минор и други тенисери од светскиот врв.
China Open е турнир од серијата ATP 500 и годинава ќе се игра од 30 септември до 6 октомври на тврда подлога во Националниот тениски центар во Пекинг.
За Ѓоковиќ, Пекинг ќе биде и можност да ја прекине лошата серија по раните порази во Синсинати и Њујорк – токму на терените каде што досега никој не успеал да го победи.

