Ново примарно жариште на сипаници кај овци и кози е потврдено во село Ваксево, во бугарската област Ќустендил, каде што во погодениот сточарски објект се одгледуваат 15 овци. Бугарските ветеринарни власти веднаш воспоставија заштитна зона од пет и надзорна зона од 20 километри, со ограничено движење на животните, засилени контроли и посебни правила за суровото млеко.
Жариштето го потврди Бугарската агенција за безбедност на храната, откако сопственикот на стадото пријавил клинички знаци на заболувањето. Според Агенцијата, одгледувачот целосно соработувал со ветеринарните служби.
Во заштитната зона од пет километри се опфатени Ваксево, Дл’хчево-Сабљар, Друмохар, Еремија и Смоличано, во општина Невестино, како и селото Фролош во општина Кочериново.
Надзорната зона се протега во радиус од 20 километри и опфаќа десетици населени места во општините Невестино, Ќустендил, Бобов Дол, Бобошево, Кочериново, Рила и Дупница, како и неколку села во областа Благоевград.
Во двете зони е забрането движењето на овци и кози, освен животни наменети за итно колење под строго утврдени услови. Животните треба да се чуваат во затворен, односно оборски режим, а ветеринарните служби ќе извршат пребројување, проверка и ажурирање на податоците за сите сточарски објекти.
Паралелно се спроведува епизоотиолошка истрага со која треба да се утврди движењето на животните, производите, добиточната храна и транспортните средства поврзани со заразениот објект. За суровото млеко произведено во погодените подрачја не е објавена целосна забрана, но ќе важат посебни услови за неговото движење и преработка.
Новиот случај доаѓа неполни две недели по жариштето во блиското село Смоличано, потврдено на 5 септември во објект со 21 овца и коза. Ваксево тогаш веќе било вклучено во петкилометарската заштитна зона. Во новото соопштение не е наведено дали е утврдена директна епидемиолошка врска меѓу двете жаришта.
Случајот има значење и за Македонија поради близината на Ќустендилската област и можната прекугранична трговија со животни и производи од животинско потекло. Од македонската Агенција за храна и ветеринарство треба да се појасни дали во изминатиот период имало увоз на живи овци и кози, сурово млеко или други производи од погодените подрачја и дали ќе биде засилен надзорот на граничните премини и во одгледувалиштата во источниот дел од земјата.
Сипаниците кај овците и козите не се пренесуваат на луѓето и не претставуваат опасност за јавното здравје. Сепак, болеста е исклучително заразна меѓу животните и може да предизвика големи економски загуби поради угинување или уништување на стадата, ограничување на движењето и прекин на трговијата.
Бугарските ветеринарни власти ги повикаа сточарите внимателно да ги следат животните, строго да ги почитуваат мерките за биосигурност и веднаш да пријават сомнителни симптоми кај надлежниот ветеринар.

