Милатовиќ по разговорот со Калас: Црна Гора сака до 2028 година да стане 28. членка на ЕУ

Црна Гора има јасна цел до 2028 година да стане 28. членка на Европската Унија, порача црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ по разговорот со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Во фокусот на разговорот биле европските интеграции, реформите, почитувањето на одлуките на меѓународните кривични судови и односите меѓу Европската Унија и Кина.

Милатовиќ оцени дека реформската агенда мора да остане во центарот на политичкото внимание доколку Подгорица сака да ја исполни амбицијата за членство во 2028 година.

Тој нагласи и дека почитувањето на одлуките на меѓународните кривични судови е обврска на земја која се стреми кон членство во ЕУ.

„Величањето на воените злосторници не е, ниту може да биде, дел од европските вредности“, порача Милатовиќ.

Во разговорот со Калас било отворено и прашањето за односите меѓу Европската Унија и Кина, особено пред најавената посета на кинескиот министер за надворешни работи на Црна Гора. Милатовиќ порача дека земјата ќе продолжи да води надворешна политика усогласена со својата европска ориентација.

Амбицијата за влез во ЕУ во 2028 година не е нова цел на Подгорица. Милатовиќ и претходно ја дефинираше како еден од клучните државни приоритети, а претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во јуни јавно ја спомена можноста Црна Гора да стане 28. земја членка до 2028 година.

Црна Гора во моментов е најнапредната земја кандидат во пристапните преговори според оценката на Советот на ЕУ. По меѓувладината конференција во јули, земјата има привремено затворено 18 од вкупно 33 отворени преговарачки поглавја. Сепак, привременото затворање на поглавјата не значи автоматско членство, бидејќи целиот процес останува условен од исполнувањето на критериумите и конечниот договор со земјите членки на Унијата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?