Жителите на Општина Центар отсега преку интернет ќе можат да проверуваат колкава е бучавата на 30 локации низ општината и дали измерените вредности ја надминуваат законски дозволената граница.
Новиот систем е поврзан со општинскиот ГИС-портал, преку кој граѓаните добиваат директен увид во податоците од поставените мерни уреди. Од Општина Центар велат дека станува збор за прва ваква услуга на локално ниво во Македонија.
За пристап до податоците потребна е регистрација на ГИС-порталот. Потоа, преку категоријата „Мониторинг на бучава“, може да се избере конкретна локација и да се видат просечните вредности по час, како и просечната вредност за периодот од 19 до 7 часот во текот на претходниот ден.
Мерењата се прикажуваат во децибели, на скала од 0 до 145, а системот користи и визуелни индикатори. Црвената боја означува дека измереното ниво на бучава ја надминува законски дозволената граница.
Уредите биле поставени на 30 точки каде, според Општината, граѓаните најчесто пријавувале проблеми со прекумерна бучава.
Проектот бил реализиран во две фази. Најпрво биле поставени мерните уреди, а во втората фаза тие биле поврзани со ГИС-системот за податоците да станат достапни и за јавноста.
„Секој граѓанин може сам да се увери во нивото на бучава во општината и во својата непосредна околина, како и да алармира кога ќе забележи надминување на дозволените граници“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Податоците нема да служат само за информирање на граѓаните. Од Општината велат дека тие ќе бидат индикативни и за инспекциските служби, кои врз основа на регистрирани надминувања ќе можат да излезат на терен и да направат дополнителни проверки.
Засега системот опфаќа 30 локации, но најавено е негово проширување со дополнителни мерни точки во зависност од барањата и пријавите на жителите.
ГИС-порталот на Општина Центар веќе содржи податоци за деталните урбанистички планови, зелен катастар, јавната инфраструктура, сообраќајната мрежа и 3Д приказ на општината.

