Жители на Буњаковец повторно алармираат за појава на стаорци и глувци во непосредна близина на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, само три недели откако Општина Центар спроведе вонредна дератизација токму на овој потег по претходни пријави за зголемено присуство на глодари.
На Фејсбук-страницата „Во одбрана на Буњаковец“ се објавени фотографии направени на 17 септември, на кои се гледаат мртви стаорци. Според реакциите на граѓаните, на општинскиот паркинг меѓу ТЦ „Буњаковец“ и основното училиште се забележуваат и живи глодари.
Жителите бараат повторна реакција од надлежните и расчистување и дератизација на просторот, особено поради близината на училиштето и секојдневното движење на голем број деца.
Проблемот на оваа локација не е нов. На 24 август Општина Центар спроведе вонредна дератизација на повеќе критични места по пријави од граѓани за зголемена појава на глодари. Меѓу конкретно посочените локации беше и Буњаковец – улицата „Борка Талески“ од ООУ „Ј. Х. Песталоци“ до Грчката амбасада, шахтите околу запуштениот објект до училиштето, Катната гаража и бараките на ЈП „Комунална хигиена“.
Градоначалникот Горан Герасимовски тогаш соопшти дека Општината ќе продолжи да ја следи состојбата и повторно ќе интервенира доколку има потреба.
Проблеми со хигиената околу „Песталоци“ беа пријавувани и подоцна. Минатата недела жители реагираа дека покрај оградата на училиштето и во околниот простор повторно има ѓубре, искршени стакла и друг отпад, и покрај претходното чистење и дератизација.
Новите фотографии и пријави покажуваат дека проблемот со глодарите на оваа локација повторно се појавува, а граѓаните бараат надлежните да утврдат од каде доаѓаат и дали досегашната дератизација дала доволен ефект.

