Шпанија обезбеди грант од 250.000 евра за подготовка и започнување на инвестицијата со која треба да продолжи изградбата на недовршените објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во кампусот на УКИМ во Скопје.
Средствата се обезбедени преку Шпанската сметка за социјална кохезија со која управува Банката за развој при Советот на Европа – ЦЕБ. Грантот е наменет за техничка помош при подготовката и раната реализација на инфраструктурниот проект, а не директно за самите градежни работи.
Договорот го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз и вицегувернерот на ЦЕБ за целните земји Томаш Бочек.
Јаневска оцени дека помошта ќе овозможи побрзо да започнат неопходните активности за продолжување на инвестицијата и да се создадат услови проектот да биде завршен поефикасно.
Двата објекта се меѓу најдолгите незавршени образовни инвестиции во Скопје.
Нивната изградба започна во 2015 година, а беше запрена во 2019 година. До мај 2025 година повеќе од шест години немало никакви градежни активности, додека дел од документацијата веќе била со истечена важност, а објектите останале на ниво на карабина.
Според податоците на Министерството за образование, првичниот договор за објектот на ФИНКИ изнесувал 784 милиони денари. До прекинот биле реализирани околу 14 проценти од работите, односно исплатени околу 110 милиони денари.
Објектот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје првично бил проценет на 432 милиони денари, а биле реализирани 16,8 проценти од проектот, односно околу 73 милиони денари.
Во мај минатата година МОН, УКИМ, Градежниот факултет и владината Служба за општи и заеднички работи формираа работна група која требаше да ја утврди фактичката состојба на објектите, да ја прегледа постојната проектна документација и да подготви услови за продолжување на изградбата.
Тогаш беше најавено дека проектите ќе бидат ревидирани и дека по расчистувањето на административните и техничките пречки ќе биде спроведена нова постапка за избор на изведувач.
Во март годинава Министерството соопшти дека процесот за продолжување на изградбата на објектите е одблокиран. Владата претходно најави инвестициски циклус од околу две милијарди денари за двата факултетски објекта.
Новите 250.000 евра од Шпанија треба да помогнат токму во подготвителниот дел – техничката документација, организацијата и почетната имплементација на поширокиот проект за развој на инфраструктурата на УКИМ.
Од ЦЕБ наведуваат дека со грантот се поддржува подготовката на проект кој подоцна треба да прерасне во поголема инфраструктурна инвестиција за најголемиот јавен универзитет во Македонија.
Банката за развој при Советот на Европа со Македонија соработува во образованието од 2007 година. Преку досегашните проекти биле изградени 100 објекти за физичко образование и реконструирани 120 основни и средни училишта, а во 2025 година ЦЕБ одобри и заем од 20 милиони евра за нови спортски објекти и реконструкција на училишта.

