Инфантино под притисок да ги објави документите за „продажбата“ на Мундијалот

Потпретседателката на ФИФА и претседателка на Англиската фудбалска асоцијација, Деби Хјуит, побара од Џани Инфантино да ги објави сите документи поврзани со пропаднатиот план дел од комерцијалните права на Светското првенство да им бидат продадени на приватни инвеститори.

Хјуит испратила писмо до претседателот на ФИФА и до генералниот секретар Матијас Графстром, во кое бара целосно објавување на информациите пред следната седница на Советот на ФИФА, закажана за 15 октомври. Таа бара и независна истрага за тоа како бил осмислен проектот, кој учествувал во неговата подготовка и како била утврдена вредноста на комерцијалниот бизнис.

Спорниот проект, познат како FIFA Forward Enterprise, предвидувал формирање посебна компанија која би управувала со комерцијалните права на турнирите на ФИФА, меѓу нив машките и женските светски првенства.

Планот бил ФИФА да ја задржи контролата, а околу 20 проценти од новата компанија да бидат понудени на приватни инвеститори. Проектот бил вреднуван на околу 20 милијарди долари, а со продажбата на уделот ФИФА очекувала да собере околу 4,2 милијарди долари.

Но токму проценетата вредност стана едно од најспорните прашања.

ФИФА во циклусот што заврши со Светското првенство во 2026 година остварила приходи од околу 15 милијарди долари, поради што дел од европските фудбалски функционери и пазарни аналитичари поставија прашање дали комерцијалниот бизнис на светските првенства бил потценет. ФИФА досега јавно не ја објавила целосната документација за методологијата со која била добиена вредноста од 20 милијарди долари.

Проектот предизвика силна реакција во светскиот фудбал откако стана јавно познат во јули.

УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација и КОНКАКАФ отворено го критикуваа начинот на кој бил подготвен, обвинувајќи го раководството на ФИФА дека не ги консултирало доволно сопствените тела. УЕФА дури се закани со бојкот на натпреварувањата на ФИФА доколку проектот продолжи. По растечкиот притисок, предлогот беше повлечен.

Инфантино подоцна се извини за начинот на кој процесот бил воден, но не се откажа од ставот дека приватните инвестиции можат да донесат дополнителни приходи за светскиот фудбал.

Хјуит, сепак, смета дека интерна проверка на самата ФИФА не е доволна и бара истрагата да ја води независно тело.

Нејзиното барање не се однесува само на проектот за комерцијалните права.

Потпретседателката на ФИФА побарала да бидат објавени и документите за контроверзната одлука да се одложи суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун за време на Светското првенство.

Балогун требаше да пропушти натпревар по добиен црвен картон, но санкцијата била одложена за една година. Одлуката предизвика дополнителни прашања откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно кажа дека разговарал со Инфантино за случајот. ФИФА тврди дека одлуката била донесена според пропишаната процедура.

Хјуит бара документите за двата случаи да бидат доставени пред седницата на Советот на ФИФА на 15 октомври.

Притисокот врз Инфантино доаѓа неколку месеци пред изборите за претседател на ФИФА во март 2027 година. Тој веќе најави дека ќе бара нов мандат, додека во УЕФА отворено се разговара за можноста да биде поддржан противкандидат со програма за реформа на управувањето во светската фудбалска организација.

ФИФА засега јавно не одговорила на последното барање на Хјуит.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?