Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека лично ја прочитала повлечената програма за Сеопфатно сексуално образование и дека во неа не гледа ништо спорно, но Бирото за развој на образованието сепак ќе направи стручна ревизија пред да се одлучи дали предметот ќе биде вратен во средните училишта.
Предметот беше повлечен минатата недела по гласна реакција наводно заради ракции на јавноста. Станува збор за изборен, а не задолжителен предмет, кој можеле да го изберат средношколци од прва до четврта година.
Јаневска во гостување на МРТ 1 рече дека побарала од Бирото за развој на образованието, заедно со домашни стручњаци, повторно детално да ја разгледа програмата.
„Лично ја прочитав, не гледам ништо спорно, но побарав од Бирото да направи стручна ревизија заедно со стручњаци од Македонија, да ја погледнат уште еднаш програмата и да дадат свое мислење за да можеме да ја вратиме програмата повторно“, рече Јаневска.
Според неа, Министерството и БРО ги следат реакциите и јавните дебати за содржината на предметот, но сексуалното образование е потребно поради ризиците со кои се соочуваат младите.
Јаневска рече дека нема простор за компромис кога станува збор за знаење за заштита од сексуална агресија, сексуално преносливи инфекции, несакана малолетничка бременост и заштита на здравјето на младите.
Кога предметот беше повлечен на 9 септември, министерката објасни дека програмата содржи теми за семејството, заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост, родова рамноправност и недискриминација. Тогаш најави „длабока ревизија“ по реакциите во јавноста.
На повлекувањето реагираше ХЕРА, од каде оценија дека ССО е една од алатките преку кои младите можат да научат како да препознаат злоупотреба, да постават лични граници и да побараат помош. Организацијата побара идните одлуки за програмата да се темелат на стручни и научни аргументи.
По последната изјава на Јаневска, конечната судбина на предметот ќе зависи од стручната ревизија на програмата. Министерката најави можност ССО повторно да биде вратено откако БРО ќе го достави своето мислење.

