Влијанието на Белград и на концептот „српски свет“ во Северна Македонија е поголемо од кога било досега, тврди Демократската унија за интеграција во реакција објавена на 18 септември по изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ за пресудата против поранешните лидери на ОВК. Од ДУИ оценуваат дека неговиот настап претставува обид за дефокусирање и манипулирање со јавноста.
„Ова не е само политичка перцепција, туку прашање кое е нотирано и во извештаи и проценки на релевантни меѓународни институции“, соопштија од партијата. Во реакцијата, сепак, не се наведува на кои конкретни извештаи и проценки се повикува ДУИ.
Партијата тврди дека Вучиќ се обидува да создаде „политичка магла“ и да го пренасочи вниманието од суштината на дебатата што се отвори по пресудата на Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи на 16 септември беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства. Заедно со него беа осудени и поранешните лидери на ОВК, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими, кои добија затворски казни од 13 до 25 години.
Судот ги прогласи за виновни за незаконски притворања, сурово постапување, тортура и убиства, но ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото. Пресудите се првостепени и страните имаат право на жалба.
Коментирајќи ја одлуката, Вучиќ изјави дека Србија нема причина ниту да се радува ниту да тагува. Тој изрази незадоволство што судот не опфатил дел од злосторствата врз српски цивили и оцени дека пресудата не ја довела во прашање улогата на ОВК.
ДУИ тврди дека дел од македонските партии се обиделе да го изедначат Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија со Специјализираните совети на Косово, иако станува збор за институции со различна правна основа и мандат.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше основан во 1993 година со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации. Специјализираните совети, пак, се дел од правниот систем на Косово, создадени со уставни и законски измени, а седиштето им е во Хаг и во нив работат меѓународни судии.
Според ДУИ, политичкото изедначување на овие две институции ја замаглува правната разлика меѓу нив и може да создаде простор за нови меѓуетнички тензии. Партијата побара да се почитуваат судските постапки, правото на жалба и презумпцијата на невиност.
„ДУИ нема да дозволи наративите увезени од Белград да ја диктираат политичката дебата во Северна Македонија“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека таквите пораки не смеат да ги нарушат меѓуетничките односи, стабилноста и европската ориентација на земјата.

