Кошничката со кирија или рата за станбен кредит достигнува близу 90.000 денари, додека растот на цените сè посилно ги притиска семејните буџети, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при посетата на Струга. Тој ја обвини Владата на Христијан Мицкоски за лошо управување со економијата и пад на животниот стандард.
Филипче рече дека граѓаните со кои се сретнал во Струга најчесто зборувале за зголемените животни трошоци, растот на цените и тешкотиите при покривањето на секојдневните семејни потреби.
„Синдикалната кошничка за само еден месец е зголемена за речиси 1.000 денари. Кога ќе се додадат трошоците за кирија за просечен стан или ратата за станбен кредит, таа достигнува близу 90.000 денари. Во Македонија стана невозможно да се живее со криминалната власт предводена од Христијан Мицкоски“, рече Филипче.
Според него, економската и финансиската криза е последица на лошото управување на актуелната власт, а притисокот врз граѓаните би можел дополнително да се зголеми во следниот период.
Како показател за состојбата во економијата, Филипче ги посочи податоците за странските инвестиции во последниот објавен квартал од 2026 година.
„Во последниот објавен квартал од 2026 година има само 18 милиони евра странски инвестиции, во споредба со 250 милиони евра во времето на владите на СДСМ. Тоа е еден од најјасните показатели дека државата економски тоне“, изјави тој.
Филипче го критикуваше и најавениот нов заем од 1,3 милијарди евра, оценувајќи дека долгот ќе го отплаќаат идните генерации. Тој тврди дека Владата повторно ја задолжува државата поради промашени буџетски проекции и недостиг на средства.
„Поради промашените проекции и огромната дупка во Буџетот, Владата повторно ја задолжува државата. Новите задолжувања не се користат за развојни проекти што ќе создадат економски раст, туку за покривање тековни трошоци и исплата на плати“, рече претседателот на СДСМ.
Во услови на зголемени трошоци за живот, Филипче ја повика власта да го поддржи предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 600 евра.
„Тоа е најмалку што власта може да го направи за луѓето чиј единствен приход е минималната плата. Истовремено, потребно е да им се помогне на компаниите и приватните бизниси, за зголемувањето да не претставува дополнителен товар за нив. Затоа предлагаме субвенционирање на придонесите за делот од зголемувањето на платите“, порача Филипче.

