46 години по објавувањето на „Пиреј“, екс-ју книжевната сцена го открива Петре М. Андреевески

„Пиреј“

Македонската книжевност во поранешната СФРЈ ги имала сите атрибути на национална книжевност на една од шесте југословенски републики. Имала свој јазик, издавачи, писатели, книжевна критика, списанија, награди, фестивали, лектира, академија, факултети и институции. Имала и автори кои денес без никаква дилема ги сметаме за класици: Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ и многу други.

Но, дали македонската книжевност некогаш навистина станала дел од југословенската книжевност?

Да бидеме на јасно, не мислам тука на административното значење на зборот. Не мислам на тоа дали македонските писатели биле канети на фестивали во Белград, Загреб или Сараево, дали членувале во сојузни здруженија, дали добивале награди или дали нивните книги биле преведувани на тогашниот српскохрватски јазик. Сето тоа неспорно постоело.

Тоа што ме интересира е признанието на времето, критиката и читателите надвор од Македонија.

Затоа што кога денес ќе се каже големата југословенска книжевност, имињата доаѓаат речиси автоматски. Иво Андриќ, Мирослав Крлежа, Меша Селимовиќ, Данило Киш, Милош Црњански, Борислав Пекиќ, Владан Десница, Миодраг Булатовиќ, Мирко Ковач…

Прашувам: кој е македонскиот писател во оваа реченица?

Токму ова прашање, веројатно сосема ненамерно, го отвори една од најинтересните книжевни дебати што во моментов се водат во регионот.

„Велике приче“ и „Недељник“ започнаа голем проект за избор на 100 најдобри романи од нашиот поранешен заеднички книжевен простор. „Недељник“ е влијателен белградски неделен магазин, додека „Велике приче“ е регионална дигитална медиумска платформа, започната во 2023 година, која објавува авторски текстови, анализи, интервјуа и подкасти од познати новинари, писатели и интелектуалци од целиот регион. Во проектот се вклучени повеќе од 200 поканети писатели, критичари, професори, издавачи, режисери, новинари и други луѓе од културата, кои доставуваат свои листи на најзначајни романи. Од тие поединечни избори треба да произлезе конечната листа.

Значи, не станува збор за класично жири кое седи на една маса и одлучува кои се стоте најдобри книги, туку за голема анкета меѓу луѓе од книжевниот и културниот простор на поранешна Југославија.

Досега во изборот се појавил само еден македонски автор, и тоа предложен од Македонец. Меѓу поканетите учесници е и Милчо Манчевски, кој доставил своја листа од осум романи. На неа се „Хазарски речник“ на Милорад Павиќ, „Мамац“ на Давид Албахари, „На Дрини ќуприја“ на Андриќ, „Гробница за Борис Давидович“ на Киш, „Дервишот и смртта“ на Селимовиќ, „Беснило“ на Пекиќ и „Фолиранти“ на Момо Капор.

А на петтото место, меѓу Киш и Селимовиќ, Манчевски го става:

„Пиреј“ на Петре М. Андреевски.

Роман објавен во 1980 година.

Четириесет и шест години подоцна започнува една прекрасна, но за нас истовремено прилично тажна мала епизода. Еден од уредниците на „Велике приче“, откако ја гледа листата на Манчевски, решава да го најде романот и да го прочита. Во редакцијата почнуваат да истражуваат и откриваат дека „Пиреј“ навистина бил преведен во Хрватска и дека таму бил објавен под наслов „Пирика“.

Уредникот наоѓа половен примерок на интернет за 222 динари, го става на листата на желби и решава да го купи малку подоцна. По два-три часа книгата веќе била продадена. Приказната е симпатична. Но реченицата со која самите „Велике приче“ ја опишуваат е далеку поважна. За Андреевски велат дека бил писател кој „на српскохрватскиот јазичен простор не бил толку познат“.

Ете ја можеби целата наша книжевна историја во Југославија собрана во една реченица. Едноставно, не бил толку познат.

Какви се, во моментов, шансите Македонија да добие барем еден роман меѓу конечните сто? Не особено големи. „Пиреј“ засега има само еден глас – оној на Милчо Манчевски, кој го постави на високото петто место на својата листа. Дел од авторите што очигледно го сочинуваат поширокиот југословенски канон, пак, се повторуваат на повеќе независни листи. „Велике приче“ намерно не ги објавуваат тековните збирни резултати, а изборот продолжува најмалку до октомври, па конечниот исход сè уште е отворен. Но, ако „Пиреј“ остане само избор на еден македонски учесник, тешко е да се очекува место меѓу стоте. Многу поинтересно ќе биде дали до крајот ќе се појави некој учесник надвор од Македонија кој самостојно ќе го избере Андреевски. Тогаш приказната веќе би добила поинакво значење.

Дали причината е македонскиот јазик и јазичната бариера што не постоела меѓу најголемиот дел од останатите југословенски книжевни центри? Дали проблемот бил во издаваштвото, преводите, културните институции, книжевните центри на моќ или во нешто сосема друго?

Најлесното објаснување е јазикот. За да стигне еден македонски роман од Скопје до Белград или Загреб, морал повторно да биде објавен. Некој морал да го избере, некој да го преведе, некој да плати за преводот, некој повторно да го промовира, а читателот да одлучи дека ќе чита превод од јазикот на соседната република кога на истата полица има десетици нови романи што може непосредно да ги чита.

За да бидеме чесни, мораме да ја споменеме и Словенија, која исто како и Македонија имала поголема јазична бариера во однос на другите југословенски републики. И словенечкиот писател морал да биде преведен.

А во истиот избор на „Велике приче“ се појавува Витомил Зупан. Неговиот „Левитан“, оригинално напишан на словенечки, режисерот Срѓан Драгојевиќ го става на првото место на својата листа. „Менует за гитара“ го избира и Горан Скробоња.

„Пиреј“ во оваа дебата го внесува Милчо Манчевски, човек од Македонија кој многу добро знае што значи Петре М. Андреевски за македонската култура. Зупан го внесуваат луѓе надвор од Словенија.

Но можеби, покрај јазикот, постои и една сосема поинаква хипотеза.

Можеби македонската книжевност не останала на маргините на заедничкиот југословенски книжевен простор затоа што не успеала да влезе во него, туку затоа што нејзината историска задача била поинаква.

По Втората светска војна на македонскиот културен простор му била потребна сопствена книжевност. Не само книги напишани на македонски јазик, туку книжевност која ќе го раскаже сопственото историско искуство, ќе ги именува сопствените трауми, ќе ги запише селата, градовите, војните, преселбите, семејствата, митологијата, говорот и меморијата на луѓето кои живееле овде.

Македонската книжевност во неверојатно краток историски период создала сопствен свет. Од Јаневски и Конески, преку Чинго и Шопов, до Андреевски, Матевски, Урошевиќ и генерациите што дошле по нив, таа создавала книги кои пред сè му биле потребни на македонскиот читател.

Можеби токму затоа не сме рефлектирале доволно врз мотивите, дилемите и темите кои во истото време ги преокупирале Србите, Хрватите, Босанците и Црногорците. Не затоа што сме биле културно изолирани од нив, туку затоа што сме имале огромна работа дома.

„Пиреј“ е можеби најдобриот пример. Тоа е роман кој на македонскиот читател не му нуди само приказна. Му дава јазик со кој може да го разбере сопственото историско искуство – војната, поделбите, сиромаштијата, семејството, земјата, смртта, преживувањето. Затоа „Пиреј“ за нас може да има значење што е невозможно во целост да се пренесе со превод. Не затоа што читателот во Белград или Загреб не може да го разбере романот, туку затоа што нему не му била потребна истата книга на истиот начин.

Српската, хрватската и босанската книжевност, поради меѓусебната јазична разбирливост, можеле многу полесно да создадат заеднички простор на теми, полемики и читатели. Книга напишана во Сараево можела непосредно да стане книга во Белград. Роман од Загреб можел без превод да влезе во библиотека во Сараево. Истиот читател можел истовремено да ги чита Крлежа, Андриќ, Селимовиќ и Киш без воопшто да размислува дека преминува од една национална книжевност во друга.

Македонската книжевност функционирала поинаку. Нејзиниот прв и најважен разговор бил со сопственото општество. Затоа денес имаме еден интересен парадокс: Македонија има исклучително јасен сопствен книжевен канон, но многу малку од тој канон станал дел од заедничката постјугословенска книжевна меморија.

Можеби тоа е последица на историски процес во кој една млада национална книжевност прво морала да си ја раскаже сопствената приказна. Нашите книги, едноставно, ни требале нам.

„Пиреј“ е објавен во 1980 година. Четириесет и шест години подоцна, некој повторно го открива. Интересен е патот на книгата.

Можеби затоа сарказмот од насловот и не е сосема оправдан. Ако македонската книжевност прво требало да ни помогне нам да се раскажеме, да се запишеме и да се препознаеме, тогаш таа својата најважна работа ја завршила. Тоа што денес некој во Белград, Загреб или Сараево повторно ќе го открие Андреевски е само нејзиниот следен живот.

А ако „Пиреј“ на крајот навистина влезе меѓу стоте, уште подобро.

Извините, опростите и ispričavam se на сарказмот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?