Иднината на македонскиот филм е сигурна благодарение на новите генерации што освојуваат признанија на меѓународните фестивали, порача актерот Петар Арсовски на денешната прес-конференција во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Арсовски е годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, доделена за неговиот повеќедецениски придонес во домашната кинематографија.
„Горд сум што во македонската кинематографија се вложува и што таа е рамо до рамо со светската. Убаво е што се појавија нови деца кои собираат куп награди на меѓународни фестивали и уверен сум дека иднината на македонскиот филм е сигурна“, рече Арсовски.
Средбата во Битола го врати актерот и на почетоците од неговата филмска кариера. Првите кадри ги снимил токму во овој крај, во близина на селото Лавци, каде што дебитирал во филмот „Македонскиот дел од пеколот“.
„Моите први филмски кадри ги снимив тука во Битола, на ова поднебје, во близина на селото Лавци, каде што дебитирав. Како тогаш, така и сега, мислам дека има ист ентузијазам во македонската кинематографија“, изјави Арсовски.
Според него, новите автори, актери и филмски работници покажуваат дека домашната кинематографија има потенцијал и континуитет. Нивните успеси на меѓународната сцена му даваат сигурност дека македонската публика и во иднина ќе гледа квалитетни филмови.
„Среќен сум и мирен сум дека и во иднина ќе се гледаат добри филмови“, додаде актерот.
Арсовски наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ја прими на свеченото отворање на 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Долготрајниот аплауз од публиката го опиша како неочекуван и силно емотивен момент.
„Тоа што ми се случи со долготрајниот аплауз за добиената награда за мене беше голема возбуда и изненадување“, рече Арсовски, оценувајќи дека „Браќа Манаки“ е сериозен и значаен филмски фестивал.
Меѓу неговите понови ангажмани е улогата во регионалниот серијал „Сенки над Балканот“. Иако во моментов нема нови понуди за филмското платно, Арсовски нагласи дека не се повлекува од актерството и дека останува отворен за нови проекти.
„Не се повлекувам и не одбивам понуда. За мене големите и малите улоги се ист предизвик“, порача Арсовски.

