Женската ракометна репрезентација на Македонија утре во Охрид ќе го одигра првиот натпревар на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија 2026“. Прв противник на избраничките на новиот селектор Игор Марковиќ ќе биде селекцијата на Србија.
Средбата е закажана за 18 часот во спортската сала „Билјанини Извори“. Македонија на 25 септември од 17:30 часот ќе игра против Црна Гора, додека последниот натпревар ќе го одигра на 26 септември од 19 часот против Хрватска.
Репрезентативките се собраа во Скопје, по што заминаа во Охрид каде што ги одработуваат завршните подготовки. Ова е прв заеднички собир под водство на Марковиќ и можност селекторот да ја провери формата на ракометарките против три квалитетни противници.
Србија на турнирот ќе настапи со комбиниран состав, додека Хрватска и Црна Гора исто така ќе го искористат натпреварувањето како дел од подготовките за Европското првенство.
Во рамките на турнирот, на 26 септември во Охрид ќе се одржи и првиот Женски ракометен форум, на кој ќе учествуваат познати имиња од регионалниот ракомет.

