Само 148 инспектори за 28.000 контроли – ревизорите открија сериозни слабости во Пазарниот инспекторат

Државниот пазарен инспекторат во 2024 година извршил повеќе од 28.000 инспекциски надзори со само 148 инспектори, нема целосна електронска база за следење на контролите, нема соодветен простор за чување на одземените предмети, а дел од финансиската и материјалната евиденција не била целосна. Поради утврдените неправилности, Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за финансиските извештаи на ДПИ за 2024 година.

Конечниот ревизорски извештај покажува дека проблемите не се ограничени само на сметководството, туку допираат до основната способност на Инспекторатот да го контролира пазарот и безбедноста на производите.

Во текот на 2024 година ДПИ спровел 28.263 инспекциски надзори – 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Но контролите ги вршеле 148 инспектори, што претставува само 47 отсто од предвидените 313 работни места за инспектори. Ревизорите предупредуваат дека недостигот од кадар и тенденцијата на намалување на бројот на инспектори влијаат врз можноста ДПИ целосно да ги спроведува планираните контроли и законските надлежности.

Недостигот е особено изразен во Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи. Од предвидени 14 работни места, на крајот на 2024 година биле пополнети само пет. Пет одделенија на ДПИ, пак, немале раководители.

Ревизијата открила проблем и со распоредувањето на вработените. Од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување административни службеници на инспекторски позиции, без обезбедени средства во буџетот и без тие распоредувања да бидат предвидени во годишниот план за вработување. Во декември 17 од решенијата биле поништени и вработените биле вратени на претходните работни места.

Еден од посериозните системски проблеми е дигитализацијата. ДПИ сè уште нема единствена и целосна електронска база со методологија за проценка на ризик, а апликацијата „Е-инспектор“ не е целосно функционална. Тоа го отежнува изборот каде и колку често треба да се вршат контроли, но и следењето на веќе спроведените инспекциски надзори.

Ревизорите утврдиле и дека евиденцијата на документите создадени при инспекциските контроли е нецелосна, дека не се следат соодветно промените во законите и не се ажурираат редовно листите за проверка. Не бил уреден ниту начинот на изземање инспектор од контрола кога постои судир на интереси.

Посебно внимание привлекува контролата на небезбедни производи. Во периодот од 2022 до 2025 година, по лабораториски анализи, од пазарот биле повлечени 40 производи. Испитувањата се вршеле во акредитирани лаборатории во странство, а парите биле обезбедувани преку меѓународни проекти.

Ревизорите предупредуваат дека е неизвесно дали ваквите проверки ќе можат да продолжат кога ќе заврши проектното финансирање, бидејќи ДПИ располага со ограничени сопствени средства за континуирано лабораториско тестирање на производите.

Проблем има и со одземената стока. Инспекторатот нема соодветни објекти во кои предметите одземени при контролите би се чувале до нивното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот. ДЗР оценува дека тоа создава ризик од несоодветно чување и постапување, но и од можни загуби со финансиски последици.

Слабости се утврдени и во пописот на имотот. Не бил извршен целосен попис на градежните објекти, софтверите и лиценците, материјалите и ситниот инвентар, а сметководствената состојба не била целосно усогласена со фактичката. За утврдените кусоци и вишоци не биле дадени соодветни предлози за постапување, а планираниот вонреден попис не бил спроведен до времето на ревизијата.

Во материјалната евиденција не биле заведени набавени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци за инспекциски надзор од 791 илјада денари и автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.

ДЗР го издвојува и новиот статус на Инспекторатот. По законските измени ДПИ продолжи да функционира во состав на Министерството за економија и труд, но без својство на правно лице. Ревизорите го посочуваат ова во контекст на препораките на Европската комисија од 2025 година за зајакнување на кадарот, реструктурирање и дигитализација на ДПИ и обезбедување негова оперативна независност.

ДЗР даде препораки за зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и функционален информациски систем, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, обезбедување простор за одземените предмети и создавање трајни услови за контрола на безбедноста на производите.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?