Европската Унија отвора нов круг на програмата DiscoverEU, преку која ќе бидат доделени околу 40000 бесплатни патни пропусници за млади кои годинава полнат 18 години. За младите во Македонија особено важно е што повикот не е ограничен само на државјаните на ЕУ – право на учество имаат и младите од Македонија.
Пријавувањето започнува на 1 октомври во 12 часот и трае до 15 октомври 2026 година во 12 часот, по бриселско време, преку Европскиот младински портал.
Основниот услов е кандидатите да се родени меѓу 1 јануари и 31 декември 2008 година, односно во текот на 2026 година да наполнат 18 години. Покрај младите од 27-те членки на ЕУ, можат да аплицираат и државјани или жители на земјите придружени кон Erasmus+, меѓу кои се Македонија, Србија, Турција, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
При пријавувањето кандидатите треба да внесат број од лична карта, пасош или документ за престој, а потоа следува краток квиз со прашања за Европската Унија и европските иницијативи за млади.
Избраните кандидати ќе можат да патуваат низ Европа во периодот од 1 март 2027 до 31 мај 2028 година. Пропусницата овозможува до седум дена патување, кои може да се искористат во период од најмногу еден месец.
Учесниците добиваат и DiscoverEU картичка со попусти за сместување, културни и спортски активности, локален превоз и други услуги за време на патувањето.
Програмата е дел од Erasmus+ и постои од 2018 година. Според податоците наведени во најавата за новиот круг, досега околу 473.000 млади добиле можност да патуваат преку DiscoverEU.
За есенскиот повик е предвиден буџет од 23,5 милиони евра.
За младите од Македонија ова значи дека родените во 2008 година имаат иста можност да конкурираат за патна пропусница како нивните врсници од земјите членки на ЕУ.
Пријавување и официјални правила на DiscoverEU на македонски јазик: https://youth.europa.eu/discovereu/rules_mk

