ЕУ турка „Купувај европско“ во јавните набавки

Европа

Европската унија сака поголем дел од јавните пари да завршуваат кај европски производители. Европската комисија предложи нови правила за јавните набавки со кои во стратешки сектори ќе може да се применуваат критериуми што им даваат предност на производите произведени во Европа.

Новиот Закон за јавни набавки, предложен од Комисијата на 9 септември, треба да ги замени постојните правила и да воведе поедноставен и подигитализиран систем за јавни тендери. Една од најзначајните промени е воведувањето европски преференцијални критериуми, во согласност со меѓународните обврски на ЕУ.

Практично, тоа значи дека при трошење јавни пари цената нема секогаш да биде единствениот или најважниот критериум. Во одредени стратешки области ќе може да се земаат предвид потеклото на производот, сигурноста на синџирот на снабдување, влијанието врз животната средина и други критериуми поврзани со европската индустрија.

Паралелно со ова, Европската комисија уште во март го предложи Industrial Accelerator Act, со кој се воведуваат „Made in EU“ и нискојаглеродни критериуми кај дел од јавните набавки и програмите за државна поддршка. Предлогот особено ги опфаќа челикот, цементот, алуминиумот, автомобилската индустрија и технологиите потребни за енергетската транзиција.

Брисел со ова сака да го запре падот на индустриското производство во Унијата. Производството во 2024 година учествувало со околу 14,3 отсто во БДП на ЕУ, а поставената цел е тој удел да достигне 20 отсто до 2035 година.

Промените се дел и од поширокиот обид на ЕУ да ја намали зависноста од производи и технологии од трети земји и да задржи поголем дел од производството, работните места и инвестициите во Европа.

За Македонија новите правила се особено важни поради големата поврзаност на домашната економија со европските индустриски синџири. Голем дел од македонскиот извоз, особено автомобилските компоненти, оди кон компании и фабрики во земјите членки на ЕУ.

Но, Македонија не е членка на Унијата и затоа македонското потекло не може автоматски да се изедначи со „Made in EU“. Начинот на кој во конечните правила ќе биде дефинирано европското потекло, како и третманот на земјите кандидати и трговските партнери, може директно да влијае врз конкурентноста на домашните компании.

Предлозите сè уште не се конечни. Industrial Accelerator Act треба да биде усогласен меѓу Европскиот парламент и Советот, а истата процедура следува и за новиот Закон за јавни набавки. За вториот, европските институции поставија цел преговорите да бидат завршени до последниот квартал од 2027 година.

Ако правилата бидат усвоени во сегашната насока, „Купувај европско“ ќе стане многу повеќе од политичка порака – ќе биде вградено во начинот на кој ЕУ троши огромен дел од јавните пари и ја насочува индустриската политика.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?