Вајц: Македонија е една од најубавите земји што сум ги посетил, претворете ја природата во економска можност

Македонија ги има природните предуслови за развој на туризмот, но треба многу повеќе да ги промовира надвор од своите граници, порача европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија во Скопје.

„Македонија е една од најубавите земји што ги имам посетено“, рече Вајц, посочувајќи дека лично планинарел на Пелистер и Галичица и ги посетил Маврово и Шар Планина. Неговата порака беше дека природното богатство, освен што треба да се заштити, може да стане посилен извор на приходи за локалното население.

Како примери ги наведе Албанија и Црна Гора и начинот на кој тие го развиваат туризмот поврзан со природата.

„Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате“, порача Вајц, оценувајќи дека природните богатства претставуваат економска можност за целото население, а особено за луѓето што живеат во тие подрачја.

Пораката за туризмот беше дел од пошироката дискусија за животната средина на Мешовитиот парламентарен комитет, кој се одржува на 24 и 25 септември во Собранието и на кој учествува делегација од Европскиот парламент. Вајц е дел од делегацијата како известувач на Европскиот парламент за Македонија.

Тој зборуваше и за климатските промени, оценувајќи дека европските држави веќе мора да се приспособуваат на последиците од високите температури, сушите и шумските пожари. Како области во кои Македонија има работа ги посочи управувањето со отпадните води и депониите, загадувањето на воздухот и рударството.

Во делот за рударството, Вајц рече дека суровините се потребни, но дека економската корист треба да се мери и со можната штета врз природата. Според него, постојат современи и поеколошки начини на експлоатација, иако тие се поскапи.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?