Директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, е разрешен од функцијата откако вонреден инспекциски надзор утврдил повеќе незаконитости и неправилности во работењето на институцијата. За вршителка на должноста директорка е назначена Нарона Весели, која е од редот на вработените во Галеријата.
Во јули 2025 година, тогашниот министер за култура и туризам Зоран Љутков јавно застана во одбрана на изборот на Синани, откако дел од вработените во Националната галерија побараа конкурсот да биде поништен. Љутков тогаш изјави дека „воопшто немал дилема“ за изборот, наведувајќи дека Синани има „перфектна биографија“, дека ја разгледал неговата програма и документацијата и оценил дека е „одличен за таа позиција“.
Само неколку недели пред разрешувањето, Синани сè уште настапуваше како директор на настаните на Националната галерија. На 3 септември тој ги отвори изложбите „Инспирација“ и „Порака во шише“ во Чифте амам.
Новата в. д. директорка Нарона Лума Весели е кустос во Националната галерија. Информациите од самата институција веќе ја наведуваат како в. д. директорка, вклучително и при отворањето на изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали во Чифте амам.
Засега Министерството јавно не објави подетален список на конкретните незаконитости и неправилности утврдени при инспекцискиот надзор. За порталот Сакам да кажам, велат дека одлуката за разрешување е донесена врз основа на наодите од вонредниот надзор спроведен од овластен инспектор за култура. Како дополнителна причина се наведува и нереализирање на дел од годишната програма на Националната галерија за 2026 година.

