Фудбалската репрезентација на Република Ирска се соочува со неизвесност пред натпреварот со Израел во Лигата на нации, откако голманот Гевин Базуну му соопштил на стручниот штаб дека не сака да настапи на средбата закажана за в недела во Дебрецин. Ирските медиуми наведуваат дека постои можност неговиот пример да го следат и други репрезентативци.
Одлуката доаѓа во време на силен јавен притисок врз ирските фудбалери и националната федерација да ги бојкотираат натпреварите со Израел поради војната во Газа. Засега нема официјална потврда за конечниот број играчи што би можеле да се повлечат од составот.
Ирските репрезентативци одржале состанок на кој разговарале за заедничкиот став и начинот на кој ќе постапат на натпреварот. Претходно, играчот од средниот ред Џејсон Најт јавно изјави дека средбата не треба да се одигра, иако призна дека таа сепак е закажана и дека тимот мора да се справи со ситуацијата.
Капитенот Дара О’Шеа претходно тврдеше дека репрезентативците се согласиле да ги одиграат двата натпревара со Израел. Последните информации, меѓутоа, покажуваат дека во тимот сè уште постојат сериозни несогласувања и морални дилеми.
Селекторот Хеимир Халгримсон изјави дека дел од фудбалерите се чувствуваат „многу непријатно“ поради натпреварите, но истакна дека тимот сака да остане обединет.
Фудбалската асоцијација на Ирска претходно побара Израел да биде суспендиран од натпреварувањата на УЕФА, но барањето не беше прифатено. Ирска, сепак, реши да ги одигра средбите бидејќи евентуалниот бојкот би значел службен пораз, а би можел да донесе и дополнителни санкции или исклучување од натпреварувањето.
Првиот натпревар меѓу Израел и Ирска треба да се одигра на 27 септември во Дебрецин, Унгарија, без присуство на ирски навивачи. Реваншот е закажан за 4 октомври во Бачка Топола, Србија, на неутрален терен и без публика.

