Која е Светлана Мојсов, од сенката на „Оземпик“ до Орденот „8 Септември“?

ФОТО: ФБ профил на претседателката Гордана Силјановска Давкова

Светлана Мојсов, хемичарката родена во Скопје чие истражување на хормонот GLP-1 го отвори патот кон револуционерните терапии за дијабетес и дебелина, на 26 септември во „Вила Водно“ беше одликувана со Орден „8 Септември“. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ го врачи високото државно признание за нејзиниот извонреден придонес во биохемијата и светската наука.

Видливо трогната на церемонијата, Мојсов кусо се заблагодари за признанието.

„Јас сум без зборови. Многу ви благодарам“, рече таа.

Орденот „8 Септември“ е последното во долгата низа признанија за научничката чија работа со децении останувала надвор од центарот на вниманието, иако нејзините откритија се вградени во основата на некои од најпознатите лекови на денешницата.

Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје, каде што го завршила основното и средното образование. Во 1971 година дипломирала физичка хемија на Универзитетот во Белград, а една година подоцна заминала на докторски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк.

Таму работела во лабораторијата на Брус Мерифилд, научникот кој подоцна ја доби Нобеловата награда за хемија за развојот на методата за синтеза на пептиди во цврста фаза. Мојсов докторирала биохемија во 1978 година, а во својата дисертација ја претставила првата синтеза на кристален глукагон со оваа метода.

Во 1983 година преминала во општата болница во Масачусетс и на Медицинското училиште на „Харвард“, каде што раководела со лабораторија за синтеза на пептиди. Токму во тој период започнала работата што ќе го промени лекувањето на дијабетесот и дебелината.

Мојсов претпоставила дека биолошки активната форма на хормонот GLP-1 не е составена од 37, туку од 31 аминокиселина. Таа ги синтетизирала различните форми на пептидот, создала антитела за нивно откривање и развила методи со кои можеле да се разделат и прецизно да се испитаат.

Нејзините експерименти покажале дека активната форма GLP-1 (7-37) силно го поттикнува лачењето инсулин кога нивото на шеќер во крвта е зголемено. Подоцнежните истражувања потврдиле дека истиот механизам функционира и кај луѓето со дијабетес тип 2.

Ова откритие ја поставило научната основа за нова класа лекови што денес се користат за регулирање на шеќерот во крвта и за третирање на дебелината. Меѓу нив се „Виктоза“, „Оземпик“, „Рибелсус“ и „Вегови“. Мојсов не ги создала готовите лекови, но нејзината работа ја открила биолошката цел врз која тие дејствуваат.

Патот до целосното признание, сепак, траел со децении. Во 1996 година Мојсов дознала дека Масачусетската општа болница обезбедила патенти за раните истражувања на GLP-1 во кои како единствен пронаоѓач бил наведен нејзиниот соработник Џоел Хабенер.

Следувала десетгодишна правна и научна битка по која американската Канцеларија за патенти исправила четири патенти и ја впишала Мојсов како копронаоѓач. Патентите биле лиценцирани на фармацевтската компанија „Ново Нордиск“, која подоцна разви повеќе терапии засновани врз GLP-1.

И покрај исправката, нејзиниот придонес продолжил да биде изоставуван од дел од научните текстови и награди. Приказната почна да се менува во 2023 година, кога „Science“ и „STAT“ детално ја обработија нејзината улога, а списанието „Nature“ ја вклучи меѓу десетте личности што ја обликувале светската наука таа година.

Потоа следуваше серија од највисоки меѓународни признанија. Мојсов ја доби наградата „Перл Мајстер Грингард“, а во 2024 година „Тајм“ ја вброи меѓу стоте највлијателни луѓе во светот. Истата година ги доби наградите „Принцеза на Астуриас“, „Танг“ и „Ласкер-Дебејки“ за клинички медицински истражувања.

Во 2025 година следуваа наградата „Граници на знаењето“ на фондацијата BBVA, наградата „Ворен“ и „Breakthrough Prize“ за животни науки. Последното признание, со награден фонд од три милиони долари, Мојсов го сподели со научниците Даниел Друкер, Џоел Хабенер, Јенс Јул Холст и Лоте Бјере Кнудсен. Истата година беше избрана и во американската Национална академија на науките.

Во 2026 година ги доби наградите „Кимберли“ за биохемија и молекуларна генетика и „Крал Фејсал“ за медицина. Во мај Универзитетот „Рокфелер“ ја унапреди во професорка-истражувачка, наведувајќи дека нејзината работа довела до создавање терапии што го промениле третманот на две од најраспространетите хронични заболувања.

Признанијата пристигнаа и од нејзината родна земја. Во 2025 година Мојсов ја доби Светската награда за хуманизам во Охрид, а во септември годинава се врати во Македонија како истакната предавачка на Конгресот на хемичарите и технолозите во Охрид.

По светските награди, впишувањето во научните академии и исправката на патентите, нејзиното име сега е впишано и меѓу добитниците на Орденот „8 Септември“, признание што го прими во Скопје, градот од кој започна нејзиниот пат кон светската наука.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?