Пет натпревари без постигнат гол и 450 минути во кои нападот не успева да најде пат до противничката мрежа – македонската фудбалска репрезентација влезе во сериозна резултатска и играчка криза. Поразот од Швајцарија со 0:3, вчера вечер на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, само го вклучи алармот што подолго време трепка во националниот тим.
Македонија го отвори настапот во Лигата Б од Лигата на нациите со убедлив пораз од швајцарската репрезентација, која го контролираше натпреварот и ги казни слабостите во македонската одбрана.
Ремо Фројлер го отвори резултатот во 22. минута, а Зеки Амдуни со погодоците во 41. и во 74. минута го постави конечниот резултат. Македонските фудбалери не успеаја сериозно да ја загрозат предноста на гостите, ниту да го прекинат долгиот голгетерски пост.
Црната серија започна на 26 март со поразот од Данска со 0:4 во полуфиналниот бараж за Светското првенство. Потоа следуваа ремито без голови против Република Ирска, идентичниот резултат на гостувањето кај Босна и Херцеговина и новиот тежок пораз од Турција со 0:4.
Поразот од Швајцарија стана петтиот последователен натпревар на кој Македонија не постигна гол. Во овие 450 минути националниот тим има гол-разлика 0:11.
Последниот погодок за Македонија го постигна Бојан Миовски на 18 ноември 2025 година, во тешкиот пораз од Велс со 1:7 во Кардиф. Оттогаш поминаа повеќе од десет месеци без репрезентативен гол.
Проблемот не е само во реализацијата. Како што посочува анализата на „Спорт станица“, во играта недостигаат јасна идеја, брзина во транзицијата и поврзаност меѓу средниот ред и нападот. Македонија премногу тешко создава чисти шанси, а кога ќе ја загуби топката, остава простор што поквалитетните противници лесно го користат.
Селекторот Гоце Седлоски уште пред натпреварот со Швајцарија призна дека репрезентацијата е четири меча без погодок, изразувајќи надеж дека нападот ќе проработи. Наместо прекин, серијата беше продолжена, а новите 90 минути без гол го зголемија притисокот врз стручниот штаб и фудбалерите.
Поразот ја продолжи и втората загрижувачка серија – Македонија сега има девет натпревари без победа. Последниот триумф беше забележан на 7 септември 2025 година, кога Лихтенштајн беше совладан со 5:0 во квалификациите за Светското првенство.
Следната можност за прекин на кризата доаѓа веќе на 29 септември, кога Македонија ќе ѝ гостува на Словенија во второто коло од Лигата на нациите. Потоа следуваат дуелите со Шкотска во Скопје и нова пресметка со Швајцарија, овојпат во Луцерн.

