Грција го крева данокот на 15% за купувачи на станови надвор од ЕУ

Купувањето стан или куќа во Грција значително ќе поскапи за дел од купувачите од Македонија, Србија и другите земји надвор од Европската Унија. Грчката влада најави зголемување на данокот за пренос на станбен имот од сегашните 3 на 15 отсто, како дел од мерките за намалување на притисокот врз цените на домувањето.

Со дополнителната давачка во корист на општините, реалното даночно оптоварување ќе порасне од сегашните 3,09 на 15,45 отсто.

Новата стапка треба да почне да се применува од 1 јули 2027 година.

Мерката нема да се однесува на сите недвижности. Повисокиот данок е предвиден за купување станови и куќи, но не и за деловни простории, градежно земјиште и други категории недвижен имот.

Нема да бидат опфатени ниту сите државјани на земји надвор од ЕУ. Исклучоци се предвидени за повеќе категории, меѓу кои и лица со статус на долгорочен жител во Грција, како и за оние кои имаат дозвола за престој од втора генерација.

За најголем дел од македонските граѓани кои немаат таков статус или државјанство на земја од ЕУ или Европската економска област, промената може значително да го зголеми трошокот при купување стан или куќа во Грција.

На пример, за недвижност со даночна вредност од 150.000 евра, според сегашното вкупно оптоварување од 3,09 отсто, данокот изнесува околу 4.635 евра. Со стапка од 15,45 отсто, истиот трошок би пораснал на околу 23.175 евра.

Кај недвижност вредна 300.000 евра, сегашниот данок од околу 9.270 евра би се зголемил на приближно 46.350 евра.

За стан или куќа со даночна вредност од 500.000 евра, данокот би пораснал од сегашните 15.450 евра на околу 77.250 евра.

Грчката влада ја образложува мерката со зголемената побарувачка од купувачи од трети земји, која според неа придонесува за раст на цените и го ограничува пристапот до домување за постојаните жители.

Надлежните во Атина велат дека целта не е пазарот да биде изненаден со нагла промена, поради што е оставен преоден период до средината на 2027 година.

Новата политика е дел од поширок пакет мерки со кои грчката влада се обидува да одговори на станбената криза, растот на цените на недвижностите и недостигот од достапни станови во дел од земјата.

До стапувањето во сила на новиот режим, купувањето недвижности продолжува според сегашните даночни правила.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?