ХЕРА повикува на поширока достапност на медикаментозниот абортус во јавните здравствени установи низ Македонија, оценувајќи дека законското право само по себе не е доволно доколку жените се соочуваат со финансиски, географски или организациски бариери.
По повод 28 септември – Меѓународниот ден за безбеден абортус, организацијата се приклучува кон глобалната кампања „Солидарност во акција“, со порака дека абортусот е дел од здравствената грижа и треба да биде навремен, безбеден, квалитетен и достапен.
Според податоците што ги објави ХЕРА, во 2024 година во Македонија биле регистрирани 2.207 абортуси, од кои 36 проценти биле медикаментозни.
На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, медикаментозниот метод бил применет кај 93,5 проценти од абортусите.
Од ХЕРА велат дека разликата покажува оти услугата сè уште не е еднакво достапна низ земјата и дека е потребно нејзино проширување и надвор од Скопје.
Медикаментозниот абортус се спроведува со употреба на лекови, без хируршка интервенција. ХЕРА посочува дека, според препораките на Светската здравствена организација, методот е безбеден и високо ефективен кога се применува соодветно на гестациската возраст и со соодветна медицинска поддршка.
Како чекор кон децентрализација, во јули годинава во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола беше отворено првото Советувалиште за медикаментозен абортус надвор од Скопје.
Со тоа, жените од Пелагонија и соседните региони добија можност услугата да ја користат поблиску до местото на живеење.
Советувалиштето во Битола е второ од ваков вид во јавното здравство и е воспоставено по моделот што од 2021 година функционира на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Сепак, од ХЕРА предупредуваат дека проблем останува снабдувањето со потребните лекови.
Лековите за медикаментозен абортус не се регистрирани за ставање во промет во Македонија и се обезбедуваат преку интервентен увоз. Според организацијата, секоја година има предизвици со навремената набавка, поради што услугата може да биде недостапна и по неколку месеци.
ХЕРА бара регистрација на лековите и нивна редовна достапност во здравствениот систем, отворање вакви услуги во повеќе јавни здравствени установи, особено надвор од Скопје, како и поголемо и одржливо финансирање за медикаментозен абортус и контрацепција.
Организацијата бара и континуирана обука на здравствените работници за обезбедување грижа заснована на современи медицински докази, со почитување на приватноста, достоинството и информираната согласност на пациентките.
„Правото на абортус не завршува со тоа што услугата е законски дозволена“, порачуваат од ХЕРА, нагласувајќи дека вистинскиот пристап значи жената да може навремено и безбедно да ја добие услугата таму каде што живее.

