Комисијата за заштита на конкуренцијата спровела контроли во повеќе од 30 откупни центри за земјоделски и градинарски производи и утврдила индиции што упатуваат на можни прекршувања на прописите. Контролите ги опфатиле откупувачите во Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен.
Во фокусот биле и откупот на пиперката и јаболката, како производи кај кои годинава имаше реакции од земјоделците за цените и условите под кои се врши откупот.
Инспекциските активности биле спроведени преку непосредни увиди во откупните центри и прибирање документација. Комисијата проверува како се формираат откупните цени, под кои услови се преземаат производите од земјоделците и на кој начин компаниите ги утврдуваат и менуваат цените.
Од досегашната обработка на документацијата се појавиле индиции за можни прекршувања на прописите што се во надлежност на Комисијата.
Засега не е соопштено за кои компании станува збор, ниту какви конкретни прекршувања се сомнителни.
КЗК најавува дека во следниот период ќе продолжи со детална анализа и проверка на собраните податоци. Доколку бидат утврдени прекршувања, ќе бидат преземени мерки согласно законските овластувања.
Контролите доаѓаат по повеќемесечни проблеми со откупот на земјоделските производи. Во август производителите на ајварската пиперка од Струмичко протестираа поради ниските цени и непочитувањето на договорените услови.
По разговорите меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите беше договорено првата класа ајварка да се откупува по 40 денари за килограм, прва-втора и индустриската класа по 30 денари, а најниската класа по 15 денари.
Дел од производителите подоцна повторно реагираа дека договорените цени не се почитуваат и дека во одредени откупни центри им биле нудени пониски износи.
Новите контроли треба да покажат дали начинот на формирање и менување на цените кај дел од откупувачите бил во согласност со правилата за конкуренција и прописите што го регулираат пазарот.

