Димевски на средба со Рустемовски: Продолжува поддршката за Ален и развојот на боксот како национален спорт

Димевски

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (MOK), Даниел Димевски, оствари средба со македонскиот боксер Ален Рустемовски и претставници на Боксерската федерација на Македонија, по повод освоениот бронзен медал на Европското првенство во бокс во Софија.

Рустемовски на Европското првенство стигна до полуфиналето и со освоената бронза продолжи со одличните настапи на големите меѓународни натпреварувања. За македонскиот боксер, ова е второ големо одличје во неполни 30 дена, откако претходно освои бронза и на Медитеранските игри во Таранто.

На средбата, Димевски му го честиташе успехот и истакна дека ваквите резултати се значаен поттик за македонскиот спорт.

„Бронзениот медал од Европското првенство е потврда за квалитетот, работата и посветеноста на Ален. Особено радува што во краток период успеа да освои две одличја од големи меѓународни натпревари. Македонскиот олимписки комитет ќе продолжи да го поддржува Ален во неговите подготовки и настапи, но и заедно со Боксерската федерација да работи на создавање услови за понатамошен развој на боксот во Македонија. Преку нашите програми и активности сакаме да дадеме дополнителен придонес во развојот и поддршката на боксот како национален спорт, како и на спортистите кои ја претставуваат нашата земја“, истакна Димевски.

Рустемовски се заблагодари за поддршката и посочи дека медалите од Таранто и Софија му даваат дополнителен мотив за продолжување на подготовките и новите предизвици што следуваат.

„Многу ми значи поддршката од МОК. Двата медали во краток период ми даваат голема мотивација да продолжам да работам и да се подготвувам за следните натпревари. Се надевам дека ќе продолжам да ја претставувам Македонија на најдобар можен начин“, рече Рустемовски.

На средбата се разговараше и за следните настапи и плановите на Рустемовски, како и за можностите за заедничка соработка меѓу МОК и Боксерската федерација во насока на понатамошно унапредување на боксот во Македонија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?