ОН ја критикуваат политиката на Трамп за депортации

Трамп
EPA/JIM LO SCALZO / POOL

Повеќе од десет претставници на Обединетите нации за човекови права побараа од американската влада итно да ја запре политиката на депортирање мигранти во трети земји. Во писмото испратено до Вашингтон предупредуваат дека оваа практика ги изложува луѓето на зголемен ризик од злоупотреба, тортура и прогон, бидејќи се испраќаат во држави кои не се нивни матични земји, пренесува Ројтерс.

Администрацијата на Трамп од минатата година склучи низа договори, главно со африкански влади, за прифаќање мигранти кои САД не можат законски да ги вратат во нивните матични земји. Значаен дел од депортираните лица претходно добиле заштита од американските судови, откако било проценето дека во нивните матични земји би можеле да бидат изложени на злоупотреба.

Според податоците на ОН, најмалку 23.000 луѓе веќе се депортирани во 29 држави и територии. Организациите за човекови права предупредуваат на ризик од злоупотреби во некои од тие земји.

Како пример ја наведуваат Екваторска Гвинеја, каде што полицијата им се заканувала со огнено оружје на мигрантите, како и Централноафриканската Република, која прифаќа депортирани лица од Иран.

„Штетата што ја предизвикува овој план на американската влада повеќе не е хипотетичка“, се наведува во писмото.

Претставниците на ОН предупредуваат дека со ова се отвора можност за низа прекршувања на човековите права. Особено загрозени се децата, жените, лицата со попреченост, жртвите на трговија со луѓе, ЛГБТ-лицата, активистите за човекови права, лицата без државјанство и други особено ранливи категории.

Во документот, сепак, не се наведуваат конкретни индивидуални случаи.

Американската дипломатска мисија при ОН во Женева засега не го коментирала писмото. Вашингтон и претходно ги бранеше договорите, тврдејќи дека тие се законски и дека депортациите се спроведуваат во согласност со американското имиграциско законодавство.

Откако пониските судови ја прогласија политиката за незаконска, претседателот Доналд Трамп овој месец побара од Врховниот суд да ѝ дозволи на неговата администрација да продолжи со нејзиното спроведување.

Експертите на ОН испратиле писмо и до владите на 35 земји и територии за кои наведуваат дека имаат договори со Вашингтон за прифаќање депортирани лица.

Овие експерти дејствуваат како независни известувачи ангажирани од Советот за човекови права на ОН со седиште во Женева за следење на конкретни кризи. Тие, сепак, не зборуваат во име на самата Организација на Обединетите нации.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?