Три јавни набавки, милиони евра и низа прашања за транспарентноста – од електричните автобуси за Скопје, преку спортската сала „Џексон“ во Штип, до фудбалското игралиште во Чегране. Новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува како јавните пари се трошат во проекти кај кои, според истражувачите, има сериозни ризици и недоследности.
Електрични автобуси: од конкуренти до партнери
Набавката на 150 електрични автобуси за Град Скопје била повторувана трипати во период од 15 месеци. ЦГК посочува дека унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“ првично настапувале како конкуренти, а на третиот тендер доставиле заедничка понуда.
Вредноста на договорот е 60 милиони евра – 57 милиони за автобусите и три милиони за полначите. Според ЦГК, избраната понуда не била најниска, откако две поевтини понуди биле отфрлени.
Истражувањето отвора прашања и за капацитетот на автобусите: новите треба да собираат 66 патници, односно помалку од претходно набавените автобуси на Скопје. ЦГК дополнително укажува дека Министерството за транспорт не ги доставило бараните документи, меѓу кои и анализата врз основа на која била менувана тендерската документација.
Спортската сала во Штип: дополнителните работи стигнаа до 1,25 милиони евра
Првичниот договор за изградба на спортската сала „Џексон“ во Штип бил вреден околу 1,1 милион евра. Договорот предвидувал дополнителните и непредвидените работи да не надминат 20 отсто, односно околу 220 илјади евра.
Но, Општина Штип подоцна распишала нов тендер за „дополнителни и непредвидени работи“, вреден околу 1,25 милиони евра со ДДВ – сума поголема и од првичниот договор.
Според ЦГК, на вториот тендер понуда доставила само фирмата „Сандра Инженеринг“, која веќе ја градела салата. Истражувачите сметаат дека ваквата постапка отвора прашања за примената на законскиот лимит и за начинот на кој биле разграничени првичните и дополнителните градежни работи.
Фудбалско игралиште во Чегране: договор има, стадион нема
Третиот случај е реконструкцијата на фудбалското игралиште во Чегране. Договорот бил склучен во март 2023 година, вреден околу 112 илјади евра, а до сега биле исплатени околу 70 илјади евра.
Според договорот, требало да има нова трева, реконструирани трибини, систем за наводнување и осветлување. Речиси три години подоцна, според ЦГК, на теренот нема реализиран функционален фудбалски објект, а работите не се одвиваат од втората половина на 2025 година.
Договорот во меѓувреме истекол. ЦГК наведува дека Министерството за спорт не одговорило дали се преземени мерки поради доцнењето и дали биле активирани договорните механизми за санкционирање.
Токму овие три случаи, оценува ЦГК, отвораат пошироко прашање: колку е ефикасна контролата кога јавните институции исплаќаат значителни суми, а резултатот доцни, се менува или не е целосно видлив на терен.

