Вадефул: ЕУ мора да го забрза Западен Балкан, не смееме да се заглавуваме во ситни барања

Фото: Tilo Strauss

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул испрати една од подиректните пораки од Берлин за проширувањето на Европската Унија: земјите што ги спроведуваат реформите мора да напредуваат и во пристапниот процес, а Унијата не смее да дозволи проширувањето да се заглавува во „ситни барања“ кон кандидатите.

Пораката доаѓа во момент кога министрите за надворешни работи се состануваат во Црна Гора во рамките на Берлинскиот процес, на кој учествуваат шесте земји од Западен Балкан – Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Процесот беше инициран од Германија во 2014 година со цел да ја засили регионалната соработка и да го приближи регионот кон ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е клучен тест за Европа. Тоа ќе биде одлучувачко за влијанието што ЕУ ќе го има во наредните децении“, порача Вадефул пред заминувањето за Црна Гора.

Но неговата порака оди подалеку од вообичаеното повторување дека „иднината на Западен Балкан е во ЕУ“. Германскиот министер го поставува проширувањето како геополитичко и безбедносно прашање за самата Унија.

Според него, само со веродостојна перспектива за членство и посилно врзување на земјите од регионот со ЕУ, Европа може долгорочно да го зачува својот геополитички простор за дејствување. Тој притоа предупредува на влијанието на Русија и Кина во регионот и оценува дека во прашање се европската безбедност, влијание и способност за дејствување. Оттука и неговото барање процесот да се забрза.

„Како земји членки на ЕУ, мора да ги исполниме ветувањата кон земјите кандидати. Оние што напредуваат во реформите мора да напредуваат и во процесот на пристапување“, порача Вадефул. Во услови на геополитички предизвици, додаде тој, отпорот треба брзо да се надминува, наместо процесот да се заглавува во премногу специфични барања кон кандидатите.

Овој дел од пораката е особено релевантен за Македонија, чиј пристапен процес со години е оптоварен не само со исполнувањето на европските критериуми, туку и со билатералниот спор со Бугарија. Вадефул не ја спомена конкретно Македонија ниту бугарските барања, па неговата изјава не може директно да се толкува како германска позиција за македонско-бугарскиот спор. Сепак, германскиот министер јасно прави разлика меѓу реформскиот напредок и дополнителните пречки што можат да го забават проширувањето.

Вадефул нагласи дека и Западен Балкан мора решително да продолжи со реформите ако сака членство. Како клучни области ги посочи владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, регионалната соработка и справувањето со тешкото минато на регионот.

Германија во моментов ја издвојува Црна Гора како пример за земја што најмногу напреднала во пристапниот процес. Вадефул по состанокот во Црна Гора патува во Рим, каде со италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани треба да разговара и за тоа како Западен Балкан побрзо да се приближи до ЕУ и што самата Унија треба институционално да промени за да биде подготвена за нови членки.

Пораката од Берлин, според тоа, е двонасочна: од Западен Балкан се бараат реформи, но и од ЕУ се бара да го исполни она што го ветила. Во време кога Русија и Кина се обидуваат да го зајакнат своето присуство во регионот, Вадефул практично предупредува дека бесконечното чекање веќе не е само проблем на кандидатите, туку ризик и за самата Европска Унија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?