Од поширок круг на учесници на средбите на „Разговори за иднината во 12:05“, до документот со кој се бараат структурни промени во СДСМ стигнале 17 потписи. Според фотографиите објавени во медиумите, на првата средба имало 27 учесници, а на втората 31. Ако овие бројки се земат како мерка за политичката тежина на иницијативата, тогаш меѓу втората средба и формалното барање до „Бихаќка“ недостигаат 14 имиња.
А токму бројките се најнепријатниот дел од приказната.
Иницијаторите бараат заминување на Венко Филипче, промена на актуелното раководство и „дисконтинуитет“ со досегашното функционирање на СДСМ. Игор Ивановски отворено порача дека СДСМ треба да биде дел од поширок опозициски фронт, но не со сегашното раководство, додека од Платформата тврдат дека поддршката меѓу членството расте.

Проблемот е што меѓу тврдењето дека „членството е на наша страна во огромно мнозинство“ и 17 потписи има прилично широк политички простор.
Од 31 околу маса до 17 на хартија
На 2 октомври Платформата соопшти дека предлозите за структурни промени во СДСМ се доставени во партиската архива. Документот го однеле Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски. Пораката била дека станува збор за „прецизен план“ за враќање на партијата на членството.
СДСМ истиот ден го објави документот и соопшти дека зад него стојат 17 потписи. Партијата го искористи токму тој број за да го спротивстави на 18.001 глас што Филипче ги добил на директните внатрепартиски избори во април 2025 година.
Секако, 17 потписници и 18.001 гласач не се статистички споредливи категории. Едното е број на потписници на политички документ, другото е резултат од внатрепартиско гласање на кое Филипче бил единствен кандидат.
Но во политиката легитимитетот не е само математика – сè додека самите не ја претворите математиката во аргумент.
Платформата го направи токму тоа кога тврдеше дека зад неа стои огромното мнозинство од членството. Од тој момент бројот на луѓе под документот станува релевантен.
А 17, засега, е далеку од „огромно мнозинство“.
Дисконтинуитет – но од кого?
Најинтересниот збор во понудата на платформата е „дисконтинуитет“.
Тоа звучи чисто, реформски и доволно широко за секој да може да го наполни со сопствена содржина.
Проблемот настанува кога ќе се погледне кој бара дисконтинуитет.
Игор Ивановски бил секретар, потпретседател и пратеник на СДСМ. Партиската документација го наведува како секретар уште по Конгресот во 2008 година, а бил и дел од тимот што ја подготвувал програмата за парламентарните избори во 2024 година.
Андреј Петров бил генерален секретар на СДСМ, пратеник, градоначалник на Карпош и шеф на повеќе изборни штабови. Во 2013 година повторно се кандидирал за градоначалник на Карпош, но не победил.
Гордан Георгиев бил потпретседател на СДСМ во периодот кога партијата ја водел Бранко Црвенковски.
Никола Ќуркчиев бил пратеник на СДСМ и дел од нејзините високи партиски структури.
Емилијан Станковиќ повеќе мандати бил пратеник на СДСМ.
Славјанка Петровска беше министерка за одбрана во владата предводена од СДСМ, носителка на изборна листа во 2024 година, а по изборниот пораз директно се кандидираше за претседател на партијата.
Со други зборови, не станува збор за политички аутсајдери кои вчера ја откриле СДСМ.
Станува збор за луѓе кои во различни периоди ја воделе, ја организирале, ја претставувале, ги пишувале нејзините програми или биле дел од нејзините влади.
Оттука произлегува и централната иронија: кога група поранешни високи функционери бара „целосен дисконтинуитет“ со претходните раководства, дел од тој дисконтинуитет по дефиниција мора да биде и дисконтинуитет од сопственото политичко наследство.
Нема ништо нелегитимно во тоа човек да каже дека погрешил и дека неговата поранешна политика треба да се напушти.
Но тогаш првиот чекор на реформата обично е објаснување – што точно било погрешно, каква била сопствената одговорност и зошто новиот рецепт треба да има поголема тежина од стариот.
Групата што го „уредуваше“ вчерашниот СДСМ сега сака нов СДСМ
Особено чувствителна е 2024 година.
СДСМ тогаш претрпе тежок парламентарен пораз. Ивановски, според партиските извори, бил дел од тимот што ја подготвувал изборната програма, а повеќе луѓе поврзани со денешната Платформа биле во раководни, владини или изборни структури.
Со малку политичка иронија – реформата почнува со барање сите да се дистанцираат од минатото, освен оние што дојдоа да го објаснат.
Славјанка Петровска веќе ја побара функцијата – и членството одлучи
Случајот на Славјанка Петровска дополнително ја усложнува дебатата за легитимитетот.
Таа во 2024 година беше една од четворицата кандидати за претседател на СДСМ, заедно со Венко Филипче, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. На тогашното гласање, според првичните резултати на партиската изборна комисија, Филипче освоил 9.052 гласа, Деспотовски 2.705, Бајдевски 905, а Петровска 190.
Тоа не значи дека претседател избран на партиски избори не смее да биде критикуван или сменет.
Напротив.
Но ако аргументот е дека „членството треба да си ја врати партијата“, тогаш мора да се земе предвид дека членството двапати веќе учествувало во непосреден избор на претседател. Нешто што го нема ниту една политичка партија во Македонија.
Од „отворена дебата“ до барање за клучевите од партијата
Кога иницијативата се појави на 1 јули, описот беше значително поширок.
Во првата сесија учествувале поранешни и актуелни функционери, професори, адвокати и активисти, а организаторите тврдеа дека не формираат нова политичка партија, туку отвораат простор за поширока дебата.
Три месеци подоцна главното барање е промена на раководството на СДСМ.
Платформата повеќе не може убедливо да се претставува само како неврзан интелектуален форум кој дискутира за иднината на државата, што го отвора просторот за веќе видени византиски игри.
Од тој момент станува неизбежно прашањето: колку членови на СДСМ навистина стојат зад тоа?
Тука повторно стигнуваме до бројот 17.
И токму затоа спорот може многу лесно да се реши на наједноставниот демократски начин: ако Платформата навистина смета дека мнозинството членови се зад неа, тоа може да се измери во рамките на партиските процедури.
Не со фотографии од хотел.
Не со пребројување столчиња.
Не со соопштенија.
Со гласови.
И Левица влезе во равенката
Дополнителен проблем за иницијативата беше присуството на пратеникот на Левица Амар Мециновиќ на втората сесија.
Мециновиќ јавно објасни дека неговата партија разговара со различни опозициски фактори за создавање поширок фронт против власта. Ивановски, од своја страна, рече дека меѓу Платформата и Левица постојат разлики, но дека има простор за заедничко опозициско дејствување.
Но за Платформата политичкиот проблем е поинаков: ако сака да го убеди членството на СДСМ дека таа го претставува автентичниот социјалдемократски коректив, секоја демонстративна близина со партии што имаат суштински различни идеолошки позиции отвора дополнителни прашања.

