Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 33-годишен скопјанец откако при претрес во неговиот дом биле пронајдени рачна бомба, два пиштоли, 240 куршуми, марихуана и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил користен при извршување убиство.
Против осомничениот се води истрага за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
При претресот била пронајдена рачна бомба М75 со шрапнелско дејство, како и 240 куршуми од различен калибар.
Полицијата запленила и пиштол „Црвена Застава“ калибар 7,65 милиметри со седум куршуми во рамката, како и пиштол „Берета“ со шест куршуми.
Во домот биле пронајдени и околу седум грама марихуана.
Особено внимание во истрагата привлекува пронајдениот клуч од мотор. Според Обвинителството, постојат оперативни сознанија дека моторот бил користен при извршување кривично дело убиство.
Засега не е соопштено за кое убиство станува збор, ниту дали осомничениот се поврзува директно со неговото извршување.
Надлежниот јавен обвинител побарал притвор за 33-годишникот поради опасност од бегство и можност да повтори кривично дело.

