Ристо Самарџиев ќе биде гостин на јубилејниот концерт на Никола Јанков-Коки, кој на 14 ноември во Филхармонијата ќе одбележи 30 години од песната „Виолина и гитара“.
Концертот почнува во 20 часот, а Коки најавува изведба на песните што ги создаваше и свиреше со Душан Љубисављевиќ-Дуле.
„Со Ристо сме долгогодишни пријатели и соработници уште од нашите почетоци со Дуле. Многу ми е драго што ќе пее заедно со мене на концертот“, вели Јанков.
„Виолина и гитара“ победи на „Макфест“ во 1996 година и стана една од најпрепознатливите песни на дуото Дуле и Коки.
Дуле почина во септември 2013 година, а Коки и потоа продолжи да ги изведува песните од нивната заедничка кариера. Во 2023 година одржа и концерт во негова чест во Домот на млади во Штип.
Годинава Јанков го објави и двојниот албум „Навикни на промени“ со 20 нови верзии на песни од периодот на „Дуле и Коки“ и групата „Тајфата“.
На концертот во ноември ќе настапат и Дамир Имери, Ратко Даутовски, Мишел Трајковски, Борче Ѓоргиев, Мартин Овен, Матеј Темелков и Ана Костадиновска.

