Масовен напад со беспилотни летала ја погоди Москва и Московската област во текот на ноќта, а по нападот избувна пожар во „Володарскаја“, најголемата нафтена база во московскиот регион. Според последните информации, две лица загинале, а девет се повредени.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека од 20:30 часот во понеделникот до 5 часот утрово кон московскиот регион летале околу 650 дронови. Според руските власти, најголемиот дел биле пресретнати на поголема оддалеченост, додека 105 биле соборени на приодите кон Москва.
За време на нападот привремено беше запрен приемот и полетувањето на авиони од четирите московски аеродроми – Внуково, Домодедово, Шереметјево и Жуковски. Ограничувањата подоцна беа укинати.
По нападот избувнал голем пожар на територијата на производствено-диспечерската станица „Володарскаја“ во близина на селото Константиново. Според локални жители и снимки објавени на социјалните мрежи, горат најмалку два резервоари со гориво.
„Володарскаја“ е најголемата нафтена база во Московскиот регион, со резервоарски капацитет од околу 250.000 кубни метри. Низ објектот годишно минуваат околу три милиони тони нафтени деривати, меѓу кои бензин, дизел и авионско гориво. Базата преку мрежа на нафтоводи е поврзана и со московските аеродроми Внуково, Домодедово и Шереметјево.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов соопшти дека во нападите се оштетени десетици куќи и автомобили. Според досега објавените информации, загинале 20-годишен маж во Радумља и 71-годишен маж во Барибино, додека уште девет лица се повредени.
Бројката од околу 650 дронови е објавена од руските власти и засега не може независно да се потврди.

