Денес е последниот ден за избор на нов претседател во Косово. Доколку пратениците до крајот на денот не успеат да изберат шеф на државата, Собранието се распушта, а земјата повторно ќе оди на предвремени парламентарни избори.
Рокот за избор на претседател истекува денес, 6 октомври. Тој произлегува од одлуката на Уставниот суд, кој на Собранието му остави дополнителен период за завршување на постапката за избор на претседател.
Според Уставот на Косово, претседателот го избира Собранието. Во првите два круга потребно е двотретинско мнозинство од сите 120 пратеници, односно 80 гласа. Ако ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство, се оди во трет круг, во кој се потребни најмалку 61 глас.
Доколку претседател не биде избран ниту во третиот круг, Уставот предвидува распуштање на Собранието и одржување нови парламентарни избори во рок од 45 дена.
Политичките партии сè уште немаат конечен договор за кандидат кој може да го обезбеди потребното мнозинство. Демократската партија на Косово (ПДК), која има 22 пратеници, ја поврза својата поддршка за избор на претседател со усвојување измени на Законот за Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство во Хаг.
Измените поминаа во прво читање, но договор за нивно конечно усвојување и за изборот на претседател сè уште нема.
Доколку до истекот на денешниот рок не биде постигнат договор, Косово ќе влезе во уште еден изборен циклус, со предвремени парламентарни избори кои според Уставот треба да се одржат најдоцна 45 дена по распуштањето на Собранието.

