Патниците во Европската Унија од октомври 2027 година ќе имаат појасни и посилни права кога летот доцни, е откажан или авиокомпанијата не може да ги превезе до планираната дестинација. Новите правила предвидуваат обесштетување до 600 евра, бесплатен хотел при подолго чекање, полесно пренасочување до крајната дестинација и подобра заштита за семејствата со деца.
Новата регулатива веќе е објавена во Службениот весник на ЕУ, а ќе почне да се применува од 23 октомври 2027 година.
Една од најважните работи за патниците е што се задржува правото на финансиски надомест кога летот пристигнува со повеќе од три часа задоцнување или е откажан помалку од 14 дена пред поаѓањето. Надоместокот ќе изнесува 250 евра за патувања до 1.500 километри, 400 евра за подолги летови во ЕУ и за летови меѓу 1.500 и 3.500 километри, а за најдолгите патувања може да достигне 600 евра.
Се прецизираат и обврските на авиокомпаниите додека патниците чекаат. Предвидени се освежување на секои два часа, оброк по три часа чекање, како и интернет и можност за телефонски повици. Ако поради нарушувањето на летот е потребно ноќевање, авиокомпанијата треба да обезбеди хотел и превоз до сместувањето и назад. Ако не ја обезбеди потребната помош, патникот ќе може сам да ги плати разумните трошоци и потоа да бара нивно враќање.
Нови права добиваат и семејствата. Децата ќе треба да седат покрај родителот или лицето што ги придружува без дополнително плаќање. Засилена е и заштитата на лицата со попреченост или намалена подвижност, бремените патнички и малолетниците кои патуваат без придружба.
Се укинува и практика што знаеше да им создаде сериозен проблем на патниците. Авиокомпанијата нема да смее да му го одбие враќањето на патник само затоа што не го искористил појдовниот лет од истиот билет, таканареченото правило „no-show“.
Дел од новите правила се однесуваат и на багажот. Авиокомпаниите ќе мора уште пред почетокот на резервацијата јасно да ја прикажуваат цената на билетот заедно со дозволениот рачен багаж, за патниците полесно да можат да ги споредуваат понудите. Правилата дополнително ги уредуваат правата и одговорноста при проблеми со багажот.
Промените се резултат на повеќегодишни преговори во ЕУ за правилата за авионски патници, кои во голем дел не беа менувани повеќе од две децении. Новата регулатива треба да го олесни остварувањето на правата на патниците и појасно да утврди што точно мора да направи авиокомпанијата кога патувањето нема да се одвива според планот.

