Жителите на Пчиња, Студена Бара, Вакаф и околните населени места денеска ја блокираа кумановската депонија „Краста“, откако, како што велат, шест месеци живеат со чад и непријатна миризба од честите пожари.
Со блокадата е запрен влезот на камионите на ЈП „Чистота и зеленило“, а отпадот од Куманово во моментов не се депонира на „Краста“.
Жителите бараат пожарот целосно да биде изгаснат и институциите да преземат конкретни мерки за заштита на населението. Тие тврдат дека состојбата станала неподнослива, а утринава дел од децата не заминале на училиште поради чадот.
Најавуваат и барање до Владата и здравствените институции за поставување мерни станици во околните населени места, за да може да се следи нивото на загадување.
Според жителите, претходно добиле ветување дека најдоцна до 2 октомври ќе биде обезбедена дополнителна механизација за гаснење на пожарот, но тоа не било реализирано.
Проблемот со „Краста“ трае со години, а во изминатите месеци повторно се интензивира со зачестени пожари. На 28 септември Општина Куманово по средба со жители од Пчиња, Винце и Студена Бара призна дека се потребни дополнителна механизација и сили за справување со состојбата.
Вчера Општинскиот штаб за заштита и спасување повторно побара засилено гаснење, дополнителни цистерни и булдожер, како и забрзување на постапката за изградба на претоварна станица и конечно затворање на депонијата.
Советот на Куманово пренамени и четири милиони денари за поправка на механизацијата на „Чистота и зеленило“. Од претпријатието велат дека се ангажирани два багера, цистерни со вода и друга механизација и очекуваат состојбата постепено да се подобрува.
За жителите, сепак, најавите веќе не се доволни.
По шест месеци чад, тие денеска одлучија физички да го запрат функционирањето на депонијата и бараат трајно, а не привремено решение.

