Обвинителствот очекува доживотен затвор за 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во Кумановско. Пресудата треба да биде изречена на следното рочиште во Основниот суд во Куманово.
Во завршниот збор, јавниот обвинител Љубомир Лапе побара најстрога казна, оценувајќи дека кај обвинетиот постои висок ризик од повторување на кривичните дела и дека не постои реална можност за негова ресоцијализација.
Според обвинението, Бојковски во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година нападнал шест жени во повеќе села во Општина Старо Нагоричане. Четири од нив починале, додека две ги преживеале нападите.
Обвинителството тврди дека жртвите биле главно повозрасни и немоќни жени кои биле напаѓани додека биле сами. Според обвинителниот акт, делата биле извршени од ниски побуди, со намера за задоволување полови нагони врз мртви тела.
Во текот на судењето Бојковски призна дека извршил три од четирите убиства и двата обида за убиство, а едно од убиствата го негираше.
Психијатриското вештачење утврдило дека обвинетиот бил пресметлив и способен да го разбере значењето на своите постапки. Вештакот оценил и дека постои ризик од повторување на делата.
Основното јавно обвинителство Куманово уште при поднесувањето на обвинението наведе дека за кривичното дело за кое се товари Бојковски е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

