Официјално почна изградбата на автопатската делница Букојчани-Кичево, последната врска што треба да ги спои автопатите Кичево-Охрид и Тетово-Гостивар-Букојчани во континуиран автопатски правец на Коридорот 8.
Делницата е долга 11,5 километри, а инвестицијата е вредна околу 139 милиони евра. Рокот за изградба е четири години.
Автопатот ќе има по две сообраќајни ленти и лента за застанување во секоја насока, а проектираната брзина ќе биде од 110 до 130 километри на час.
На трасата се предвидени пет мостови, еден тунел, два вијадукти и две клучки. Делницата минува низ планински терен, што ја прави една од посложените инфраструктурни зафати на Коридорот 8.
За проектот се обезбедени 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300.000 евра европска поддршка.
Експропријацијата е завршена за околу 97 проценти од приближно 1.000 катастарски парцели потребни за изградба на трасата.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски најави дека на оваа делница нема да се наплаќа патарина.
Со завршувањето на Букојчани-Кичево треба да се поврзат делниците што веќе се градат или се довршуваат на западниот дел од Коридорот 8. Паралелно се работи на автопатите Гостивар-Букојчани и Кичево-Охрид.
Според најавите од ЈП за државни патишта, по завршувањето на целиот правец времето за патување од Скопје до Охрид треба да се намали на помалку од час и половина.

