Бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, денеска бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради случајот со Ива Михајлова и начинот на кој таа била пречекана во Софија.
Од МНР соопштија дека на амбасадорот му било пренесено оти постапувањето на бугарските институции, вклучително и најавите за прием на Михајлова на високо ниво, претставува провокација и ги поткопува напорите за градење доверба и добрососедски односи.
Министерството оценува дека ваквото постапување навлегува во правниот систем на Македонија и испраќа погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и еднаквоста пред законот.
Од МНР нагласиле дека националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да бидат основа за заштита од одговорност пред надлежните институции.
На средбата било посочено и дека од Бугарија, како земја членка на Европската Унија, се очекува почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото.
Министерството најави дека за случајот ќе ги информира меѓународните институции, вклучително и Европската Унија и Советот на Европа.
Од МНР наведуваат дека Македонија останува посветена на добрососедските односи со Бугарија, но очекува и бугарската страна да постапува во согласност со истите принципи.

