Победата на Арсенал од 3:0 над француски Лил донесе и еден убав момент по завршувањето на натпреварот. Микел Артета и Оливие Жиру, некогашни соиграчи во лондонскиот клуб, срдечно се прегрнаа и разменија неколку зборови, со насмевки и видлива радост што повторно се гледаат.
Нивната средба ја забележаа камерите на теренот, а видеото што го објави Stan Sport привлече големо внимание на социјалните мрежи. Фотографија од двајцата сподели и официјалниот профил на англиската Премиер лига.
Артета и Жиру го делеа дресот на Арсенал од 2012 до 2016 година, период во кој заедно освоија два трофеи во ФА-купот. Денес Артета е менаџер на лондонскиот клуб, додека францускиот напаѓач настапува за Лил.
Иако поминаа десет години откако последен пат беа соиграчи, нивната срдечна прегратка покажа дека пријателството од заедничките фудбалски денови сè уште трае.
