Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ПОЛИГРАФ: ЛАВРОВ ДЕЗИНФОРМИРА КОГА ПРАВИ СПОРЕДБИ НА САД СО ХИТЛЕР И НАПОЛЕОН

Повеќе македонски медиуми делумно ја пренесоа изјавата рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во која тој прави споредби на САД со Хитлер и Наполеон.

Еве што изјави Лавров на прес конференцијата од 18.01.2023, која беше споделена и од руската амбасада: „Како Наполеон, кој ја мобилизираше речиси цела Европа против Руската империја, и Хитлер, кој го окупираше поголемиот дел од европските земји и ги нафрли врз Советскиот Сојуз, САД создадоа коалиција од речиси сите европски земји-членки на НАТО и ЕУ и ја користи Украина за да води прокси – војна против Русија со старата цел за конечно решавање на „руското прашање“, како Хитлер, кој бараше конечно решение за „еврејското прашање““.

Но, оваа изјава на Лавров не е заснована на факти. Прво, како што укажуваат проверувачите на факти од Полиграф инфо, „групата е формирана за поддршка на Украина во одбранбената борба против руската инвазија“ и „нема никакви планови за решавање на „руското прашање“ или за елиминирање на Русите“.

Исто така, Полиграф.инфо потсетува дека „спротивставувањето на чекорите на Русија беше широко меѓународно, а не ограничено на САД и Европа“ и дека 141 земја членка на ОН ја осудија инвазијата на Русија врз Украина.

Потоа, „обвинувањето на Лавров дека САД и другите имаат за цел да го решат „руското прашање“, исто како што Хитлер бараше „конечно решение“ за „еврејското прашање“, е без докази. Всушност, екстензивните напади на Русија врз цивили и цивилната инфраструктура во Украина доведоа до меѓународна осуда и веродостојни наводи за воени злосторства“, укажува Полиграф инфо.

На 18.01.2023, и Европскиот еврејски конгрес одговори на коментарите на Лавров: „Шокирани сме и згрозени од оваа срамна споредба направена од министерот Лавров помеѓу постапките на коалицијата на демократски земји и прогонот и убиството на шест милиони Евреи од страна на Хитлер во Холокаустот… Ова е извртување на Холокаустот на најосновно ниво и го повикуваме г-дин Лавров недвосмислено да се извини и да ги повлече овие коментари“.

Во текстот на Независен.мк, Изјавата на Лавров дека Западот бара „конечно решение“ во стилот на Хитлер го налути Израел, се наведува и реакцијата на израелското МНР: „Секоја споредба или поврзување на актуелните настани со планот за конечно решение на Хитлер за истребување на еврејскиот народ ја искривува историската вистина, го сквернави споменот на загинатите и на преживеаните и треба силно да се отфрли“.

Споредбата на Лавров нема ни историски основи, затоа што на почетокот на Втората светска војна, СССР склопи пакт со нацистичка и антисемитска Германија, по кој во септември 1939 двете земји извршија инвазија врз Полска и ја поделија.

Лавров се обиде со неосновани историски споредби да ја наметне руската пропаганда за „денацификација“. Тој без докази ги претстави земјите што помагаат во одбраната на Украина како „хитлеровски“, а агресорот Русија како жртва, што е дезинформација.

Извор: ima.mk

Зачлени се на нашиот е-билтен