Грчките домаќинства консумираат помалку говедско месо, маслиново масло и риба отколку во претходните години, а инфлацијата игра клучна улога во промената на навиките во исхраната, објави „Екатимерини“.
Во исто време, потрошувачката на пилешко месо брзо расте, поттикнувајќи ја локалната живинарска индустрија, додека побарувачката за протеини ја зголемува продажбата на јајца и јогурт.
Според анализата на Истражувачкиот институт за стоки за широка потрошувачка, врз основа на податоци од анкетите на ЕЛСТАТ, потрошувачката на говедско месо во моментов е за 29,2 проценти помала отколку во 2008 година и за 13,8 проценти помала отколку во 2015 година. Просечната годишна потрошувачка по лице се намали од 17,36 килограми во 2008 година на 12,29 килограми во 2025 година.
Обратен тренд се забележува кај поевтиното живинско месо, главно пилешко. Просечната годишна потрошувачка по лице се зголеми од 12,79 килограми во 2008 година на 16,87 килограми во 2025 година, што претставува зголемување од 31,9 проценти. Трендот започна за време на економската криза, но главната промена се случи во последните години поради големиот скок на цената на говедското месо. Танос Ангелакис, раководител на компанијата за живина „Ангелакис“, дури се пошегува дека „телешкото е наш најголем спонзор“.
Значителното зголемување на цената на маслиновото масло во периодот 2023–2024 година, исто така, одигра одлучувачка улога во намалувањето на неговата потрошувачка. Во 2025 година, просечната годишна потрошувачка по лице падна на 8,94 литри, во споредба со 14,95 литри во 2015 година, што претставува пад од 40,2 проценти. Во исто време, потрошувачката на растителни масла се зголеми за 4,9 проценти во текот на деценијата, достигнувајќи 4,05 килограми по лице во 2025 година, во споредба со 3,86 килограми во 2015 година.

