Бугарија не е должна да ја екстрадира Ива Михаилова во Северна Македонија. Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи на Бугарија, во врска со барањето на Скопје за нејзино апсење и екстрадиција.
Министерството за внатрешни работи прецизира дека во моментов не е издадена црвена потерница за Михајлова, а бугарските власти не презеле никакви мерки за да утврдат каде се наоѓа на територијата на Бугарија.
Министерството за внатрешни работи додава дека според член 25, став 4 од Уставот на Република Бугарија „Граѓанин на Република Бугарија не може да биде екстрадиран во друга држава или на меѓународен суд за цели на кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено во меѓународен договор, ратификуван, објавен и стапен во сила за Република Бугарија“.
Член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција вели: „Секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на своите државјани“, потсетува и министерството.
Против Михаилова се води судска постапка во Северна Македонија за предизвикување сообраќајна несреќа со жртва. Во инцидентот имаше и повредени лица, вклучувајќи ја и самата Михаилова.
Михаилова веќе неколку месеци тврди дека поради ова ѝ е потребен третман, кој што Македонија не може да го обезбеди и дека треба да дојде во Бугарија, но македонските власти не ѝ дозволија да ја напушти земјата.
Сепак, на 12 октомври стана јасно дека таа ја преминала границата и се наоѓа во Бугарија, а за тоа не знаеле ниту властите во Северна Македонија, ниту оние во Бугарија, пред Михаилова да се појави пред камерите заедно со нејзиниот адвокат.

