Мултимедијалниот проект „Келнер, дај полнач“ на актерката Матеа Јанковска и три македонски илустраторки ќе биде отворен за јавноста на 21 октомври во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19:00 часот и целосно слободен влез за сите посетители. Настанот нуди културна содржина достапна за секој граѓанин, адресирајќи ги современиот замор, емоционалното празнење и потребата од простор за забавување на брзото секојдневие.
Поставката претставува спој на поетски израз и визуелна уметност преку кратката јапонска форма танка-песни, чиј автор е Јанковска, во дијалог со делата на илустраторките Бранкица Јордановска, Дина Ристовска и Воскресија Андреевска. Заедничкиот концепт ја следи симболичната траекторија на човечката енергија од полн капацитет до критично ниво, ставајќи фокус на моментите кога прегореноста и личните кризи стануваат појдовна точка за творештво наместо за целосно откажување.
„Преку кратки танка-песни и илустрации, проектот го следи патот од 99% до 1% — од страста, љубовта и желбата да почувствуваме сè, до моментот кога душата ќе побара полнач. За лошите одлуки што станале добри приказни, за пороците што ги мешаме со задоволство и за сите моменти кога сме биле на работ да кренеме раце од сè. А можеби токму празнењето е чистењето што ни требало“ велат организаторите.

