Еколошката детска претстава „Чуварот на последното дрво“ во продукција на независниот театар „Театар за тебе“ утре, на 16 октомври 2026 година, ќе биде изведена во два вонредни термина во рамки на меѓународниот фестивал „Игор Маџиров“. Поради зголемен интерес кај домашната публика и пополнување на редовниот капацитет, организаторите закажаа изведби во 11:00 и во 13:00 часот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје. Оваа програма претставува директен јавен обид преку уметнички јазик да се изгради рана општествена свест за последиците од уништувањето на животната средина и урбаното зеленило.
„Чуварот на последното дрво“, создадена по мотиви на познатото дело „The Lorax“, е интерактивна еколошка претстава која преку хумор, музика и игра ги поттикнува најмладите да размислуваат за значењето на природата и за сопствената улога во нејзиното зачувување.

Заедно со Бојан, Марија и нивната баба, децата се впуштаат во авантура во потрага по легендарниот Лори и последното дрво. Низ ова театарско патување, исполнето со забава, интеракција и важни пораки, публиката открива дека секој од нас може да придонесе за почиста и поздрава планета.
Авторка и режисерка на претставата е Изабела Јакимова, додека продуцентка и техничка координаторка е Сара Томевска. Во претставата настапуваат ликовите Лори/Џоџо- Ѓорѓе Нешковиќ, Бабата/Лена/Фроги- Изабела Јакимова, Бојан- Гоце Андонов, Марија- Ангела Лефкова.
Со учеството на фестивалот „Игор Маџиров“, „Театар за тебе“ продолжува да ја развива својата мисија за создавање интерактивни и едукативни театарски содржини за деца, кои преку уметноста отвораат важни прашања и поттикнуваат позитивни промени.

